Поради силен ветер, Жичницата на Водно денеска не сообраќа
Жичницата на Водно во Скопје денеска нема да биде во функција поради силен ветер, информираат од Јавното сообраќајно претпријатие, кое стопанисува со овој објект.
Како што соопштија преку објава на социјалните мрежи, јачината на ветерот ги надминува дозволените безбедносни граници, поради што не се исполнети условите за непречено и безбедно функционирање на жичницата.
„Надлежните служби постојано ја следат состојбата на терен. Во моментот кога ќе се создадат соодветни временски услови, Жичницата ќе продолжи со редовно и безбедно превезување на патниците“, наведуваат од ЈСП.
Од претпријатието апелираат до граѓаните да ги следат официјалните известувања за навремена информација за продолжување на работата.