ЛДП бара безусловна гаранција од Владата: Да се спречи ново поскапување на струјата и парното греење

Либерално-демократската партија (ЛДП) побара од Владата да даде безусловна гаранција дека нема да дозволи зголемување на цените на електричната и топлинската енергија во пресрет на новите тарифни одлуки. Од партијата предупредуваат дека граѓаните се соочуваат со ново „ценовно цунами“, откако пред Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) се отворија постапки со кои парното во Скопје би достигнало кумулативен раст од околу 20 отсто за само една година.

0

Според податоците што ги изнесе опозициската ЛДП, во регулаторните процедури пред РКЕ моментално се разгледуваат барања на енергетските компании за ново зголемување на цената на парното греење за дополнителни 7,2 до 7,55 отсто. Паралелно со тоа, во јавноста се најавува и корекција на цената на електричната енергија во висина од два до три проценти.

Од партијата потсетуваат дека актуелната власт ја презеде функцијата со ветувања дека ќе ги намали давачките за енергенсите, ќе интервенира кај надоместокот за мрежарина и ќе го заштити животниот стандард на семејствата. Наместо тоа, како што наведуваат, се подготвува нов удар врз домашните буџети во средина на грејната сезона.

Цветановски: Статистичките пресметки не ја отсликуваат реалноста на терен

Членот на Извршниот одбор на ЛДП, Дејанчо Цветановски, истакна дека уверувањата на функционерите се во целосен раскорeк со состојбите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните.

„Ниту една розева, замислена и фатаморганска статистичка кошница пресметана во владини кабинети не може да ја скрие реалноста на терен: цените на основните прехранбени производи, на давачките и комуналните услуги растат, платите не ги следат зголемувањата на трошоците, а се повеќе семејства едвај го туркаат месецот и до дваесеттиот ден“, порача Цветановски.

Тој додаде дека институциите паралелно водат постапки за зголемување на тарифите, иако власта гарантирала дека товарот од енергетските трошоци нема да падне врз крајните потрошувачи.

„Постапките за промена на цените од страна на снабдувачите течат паралелно со уверувањата дека стандардот ќе биде заштитен, а ни беше гарантирано од тие кои се сега на власт дека не смее и нема да има префрлање на целиот товар врз граѓаните“, нагласува тој.

Барање за заштита на семејните буџети

Од ЛДП порачуваат дека секое поскапување, без оглед на неговиот процент, ќе претставува директно изневерување на дадените предизборни ветувања и доказ за неодговорно управување со енергетскиот сектор.

Регулаторната комисија за енергетика традиционално кон крајот на годината ги финализира пресметките за цената на електричната енергија за универзалниот снабдувач, како и тарифите за парно греење кои директно влијаат врз десетици илјади семејства, главно во главниот град. Опозициските партии инсистираат државата преку буџетски субвенции или намалување на маржите да спречи нов инфлаторен притисок врз граѓаните.