„Ноторна лага е дека деца носеле оружје“: Сојузот на борците во Тетово реагира на медиумски написи и прашува зошто Општината не го слави 19 Ноември

Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи од Тетово упати јавна реакција и демант по повод известувањата во дел од медиумите на албански јазик, во кои се тврдеше дека ученици облечени во униформи и со импровизирано оружје го прославувале Денот на ослободувањето на градот. Од организацијата ваквите наводи ги оценија како злонамерна манипулација и посочија дека манифестацијата се одржала според сите државни стандарди, со интонирање на химната и учество на Армијата.

1

Чествувањето на 19 Ноември — Денот на ослободувањето на Тетово се одржа на 19 ноември 2026 година пред споменикот „Победа“, сместен на булеварот „Маршал Тито“ пред Центарот за култура „Иљо Антески Смок“. Од Сојузот на борците истакнуваат дека настанот имал исклучиво официјален и институционален карактер.

„Тврдењето дека учениците во униформи и со импровизирани оружја го славеле Денот на ослободувањето е ноторна лага. Чествувањето има официјален карактер, се организира во соработка со државните институции и сите општествени организации, започнува со интонирање на државната химна и на истото учествуваат припадниците на Армијата кои се подредени од двете страни на споменикот. На достоинствен начин се одбележува денот на победата над фашизмот, окупаторот и неговите слуги“, се наведува во соопштението.

Од организацијата појаснуваат дека на манифестацијата организирано присуствувале ученици од тетовските училишта и деца од градинките, при што учениците од основното училиште „Гоце Делчев“ ја извеле детската песна „Тетово граду мил“, специјално подготвена по повод 82-годишнината од ослободувањето на градот.

Отфрлени споредбите со настанот во селото Челопек

Во реакцијата остро се отфрла каков било обид за изедначување на овој настан со неодамнешниот инцидент во тетовското село Челопек.

„Колку и да е некој злонамерен нема да успее да повлече никаква паралела и да најде сличност со настан во село Челопек случен неодамна, во кој ученици при приредба биле облечени во униформи на паравоени терористички организации со пластични пушки во училишни простории“, нагласуваат од Сојузот на борците.

Повреда на новинарските стандарди и критики до локалната власт

Од Сојузот предупредуваат дека пласирањето вакви дезинформации претставува директно кршење на новинарскиот кодекс и обид за поттикнување меѓунационални поделби преку говор на омраза. Истовремено, тие отворија прашање и за односот на локалните власти кон овој значаен историски датум.

„Вистинското прашање од кое не може да се избега е следното: Зошто Општина Тетово не го слави Денот на ослободувањето, како и зошто Општината не ги афирмира и негува антифашистичките вредности?“, прашуваат од организацијата.

Од Сојузот на борците од НОАВМ од Тетово упатија благодарност и почит до просветните работници, учениците, здруженијата и граѓаните кои масовно се приклучија кон одбележувањето, порачувајќи дека градот и понатаму достојно ќе ги чествува темелите на македонската антифашистичка борба.