НСДП со критики до власта за поскапувањето на парното: „Наместо најавениот енергетски бум, граѓаните добиваат нови ценовни удари“
Опозициската Нова социјалдемократска партија (НСДП) преку партиско соопштение упати остри критики до Владата поради најавите за раст на цената на парното греење и отсуството на конкретни заштитни мерки за граѓаните. Од партијата прашуваат што се случи со најавуваниот „енергетски бум“ и порачуваат дека домаќинствата наместо институционална поддршка добиваат нови давачки како „новогодишна честитка од власта“.
Од НСДП посочуваат дека товарот од растот на трошоците за енергија повторно се префрла директно врз семејните буџети, без соодветна интервенција од страна на државата во услови на грејна сезона.
„Власта повторно удира по џебот на граѓаните! Парното поскапува, а Владата нема конкретна реакција ниту мерки со кои ќе ги заштити домаќинствата од новиот ценовен удар. Наместо поддршка, граѓаните добиваат нови трошоци како новогодишна честитка од власта!“, се наведува во соопштението на партијата.
Прашања за ресорното министерство и најавениот „енергетски бум“
Партијата посебно го проблематизира работењето на новоформираното Министерство за енергетика, повикувајќи се на ветувањата што беа давани при неговото воспоставување.
„Нели имавме Министерство за енергетика и министерка која најавуваше енергетски бум? Каде е тој бум кога граѓаните добиваат само нови поскапувања? Наместо да ја подобрува економската состојба, Владата со своето непостапување дополнително го загрозува животниот стандард на граѓаните“, прашуваат од опозициската партија.
Синдикалната кошница расте, платите не ги следат трошоците
Од НСДП укажуваат дека енергетските корекции доаѓаат во период кога животниот стандард бележи пад, платите стагнираат, а трошоците за основни потреби достигнуваат рекордни износи.
„Платите не го следат растот на трошоците за живот, минималната плата не ги покрива основните потреби, синдикалната потрошувачка кошничка расте, а сиромаштијата сè повеќе се продлабочува. Работниците едвај преживуваат, пензионерите едвај го поминуваат месецот, а ранливите категории се оставени без соодветна помош“, истакнуваат од НСДП.
Барање за конкретна заштита на стандардот
Од партијата апелираат извршната власт да престане со пасивноста и да понуди мерки што реално ќе ги заштитат семејствата од претстојните ценовни притисоци.
„До кога Владата ќе молчи и ќе гледа како граѓаните сè потешко преживуваат? На граѓаните не им требаат празни ветувања за енергетски бум, туку конкретна помош, заштита од поскапувања и достоинствен живот!“, заклучуваат од НСДП.
Реакцијата на НСДП доаѓа во момент кога пред Регулаторната комисија за енергетика се водат постапки за утврдување на новите тарифи за топлинска енергија и електрична енергија, за кои опозициските партии предупредуваат дека дополнително ќе ја зголемат стапката на инфлација кон крајот на годината.