„Зелен хуман град“ против измените на Законот за возила: Еколошките налепници удираат по најсиромашните, а големите загадувачи остануваат неказнети
Најавените измени на Законот за возила, кои предвидуваат воведување еколошки налепници и дополнителни давачки за постарите автомобили, ќе претставуваат нов финансиски товар врз граѓаните со најниски приходи, предупредуваат од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.
Од „Зелен хуман град“ посочуваат дека институциите повторно го префрлаат целиот товар врз грбот на граѓаните. Сопствениците на возила веќе плаќаат надоместок за животна средина, а со новите законски одредби би биле принудени да плаќаат уште една давачка за еколошка категоризација.
Од иницијативата потсетуваат на истражувања спроведени за потребите на Град Скопје, кои покажале дека дури и целосен прекин на автомобилскиот сообраќај би имал занемарливо влијание врз вкупното загадување во деновите со критично високи концентрации на штетни честички. Дополнителни научни анализи потврдуваат дека сообраќајното загадување има претежно локален карактер и е концентрирано во непосредна близина на фреквентните сообраќајници.
Поддршка за техничките прегледи, но без казнување на сиромаштијата
Иако од иницијативата ја поздравуваат најавата за заострување на надзорот врз станиците за технички преглед, тие нагласуваат дека не смее да се прави изедначување меѓу несовесните возачи и социјално загрозените семејства.
„Не е праведно во иста категорија да се ставаат сопствениците на скапи автомобили што испуштаат црн чад поради негрижа и граѓаните кои возат постари и поевтини возила единствено поради ограничените финансиски можности“, истакнуваат од „Зелен хуман град“.
Индустријата и греењето на мазут остануваат недопрени
Како клучен проблем во политиките за заштита на воздухот, граѓанската иницијатива го посочува изостанокот на строг надзор врз големите индустриски капацитети. Посебен акцент ставаат врз цементарницата „ТИТАН Усје“, каде се уште не постои независен систем за јавен мониторинг на емисиите во реално време, а државните контроли ги оценуваат како недоволно темелни.
Дополнително, државата не го решава проблемот со сопствените институции. Голем број јавни објекти — меѓу кои болници, училишта и детски градинки — во текот на грејната сезона се уште користат мазут, дрва и други енергенси што сериозно го загадуваат воздухот во густо населените градски средини.
Привид на борба против аерозагадувањето
Во реакцијата се критикува и енергетската политика на власта, при што се наведува дека недоволните јавни инвестиции во обновливи извори на енергија резултираат со поскапа енергија за домаќинствата, додека државното земјиште се отстапува на приватни инвеститори.
Од „Зелен хуман град“ апелираат до надлежните министерства и Собранието да ги преиспитаат предложените давачки за возилата и да го насочат институционалниот фокус онаму каде што ефектите се најголеми — кон енергетска трансформација на јавните објекти, субвенционирање на еколошки алтернативи и бескомпромисна контрола на тешката индустрија.