Собранието денеска за измените на Кривичниот законик: Целта е заштита на членството во СЕПА и усогласување со Moneyval и ФАТФ
Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе расправа за измените на Кривичниот законик по скратена постапка, со кои треба да се отстранат слабостите во одредбите за перење пари, финансирање тероризам и конфискација на имот, во согласност со препораките на Moneyval и ФАТФ.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски вчера ги образложи предложените измени, нагласувајќи дека станува збор за ограничена, но значајна интервенција во постојниот Кривичен законик.
„Измените се однесуваат само на една цел, а тоа е да се намалат ризиците поврзани со членството на Македонија во СЕПА, во единствената европска платежна зона, што веќе е остварено пред една година и е многу корисно за македонските стопанственици и за граѓаните бидејќи обезбедува брзо и поекономично тргување со сите земји-членки на ЕУ и на Европската економска област”, рече Милошоски.
Тој додаде дека препораката за овие измени е дадена уште во мај 2023 година од експертската група Moneyval за спречување перење пари и финансирање тероризам при Советот на Европа, а целта е усогласување со Препораките на ФАТФ (Финансиска акциска група).
Со предложените измени ќе се зајакнат членовите кои се однесуваат на конфискација на имот, финансирање тероризам и надлежностите за делото перење пари. Милошоски побара поддршка од сите пратеници, напоменувајќи дека новиот Кривичен законик, на којшто се работи паралелно, ќе биде испратен на мислење до Европската комисија.
Богат дневен ред и на Законодавно-правната комисија
Во Собранието денеска се закажани и две седници на Законодавно-правната комисија, пред која ќе се најдат повеќе предлози:
- Ратификација на Третиот протокол кон Општиот договор за привилегии и имунитети на Советот на Европа
- Измени на Законот за надворешни работи (прво читање)
- Измени на Кривичниот законик (скратена постапка)
- Автентично толкување на членот 34 од Законот за локалната самоуправа, поднесено од пратениците Халил Снопче, Калтрина Беќири, Аднан Азизи, Салим Сулејмани, Ријад Шаќири и Саранда Имери-Стафаи
- Ратификација на договорот со Албанија за заеднички гранични премини
- Ратификација на спогодбата со Катар за укинување визи за дипломатски и службени пасоши
- Ратификација на договорот со Хрватска за стратешка соработка
- Измени на Законот за извршување на Буџетот за 2026 година (скратена постапка)