Вајц во Собранието: „Возот за климатската цел од 1,5 степени замина, мора да се приспособиме“ – Арсова најави нови еколошки реформи
Ефектите од глобалното затоплување, приспособувањето кон климатските промени, усогласувањето на законодавството со европските стандарди и потенцијалот за развој на еко-туризмот беа во фокусот на Втората работна сесија на 25. Мешовит парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија.
Вајц: Борбата за стариот праг е загубена, потребна е итна адаптација
Европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за земјата, Томас Вајц, испрати сериозно предупредување за брзината со која се менува глобалната клима, нагласувајќи дека зацртаните меѓународни климатски рамки веќе се надминати.
„Можеме да зборуваме за ограничување на емисиите на јаглероден диоксид, но веќе го надминавме прагот од 1,5 Целзиусови степени договорен во Париз. Тој воз замина. Борбата за тој праг веќе не можеме да ја добиеме – сега мора да се бориме за секоја десетинка од степен и итно да се приспособиме на новата сурова реалност“, истакна Вајц.
Тој посочи дека само во земјите на ЕУ летово регистрирани се речиси 35.000 смртни случаи поврзани со топлотните бранови, додавајќи дека шумските пожари веќе не се карактеристика само на Југот, туку ги зафаќаат Белгија и австриските Алпи.
Осврнувајќи се на домашните потенцијали, Вајц упати пофалби за природните ресурси на Македонија, издвојувајќи ги планинските масиви Пелистер, Галичица, Маврово и Шар Планина. Тој апелираше државата агресивно да го развива природниот туризам по примерот на Црна Гора и Албанија. Во однос на рударството, Вајц нагласи дека суровините се неопходни, но мора да се применуваат исклучиво современи, еколошки одржливи стандарди.
Арсова: Македонија забрзано го усогласува еколошкото законодавство
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Арсова, го презентираше напредокот на земјата во транспонирањето на европската регулатива, истакнувајќи го формирањето на посебен Сектор за климатска акција и примената на новиот Закон за инспекциски надзор.
„Во текот на 2025 година се спроведени 1.772 инспекциски надзори, при што се констатирани 530 неправилности, што покажува засилена контрола на терен. Дополнително, државната мониторинг мрежа за квалитет на воздухот е проширена на вкупно 23 мерни станици со поставувањето на новата станица во Штип“, рече Арсова.
Таа информираше дека се спроведуваат крупни инвестиции во регионалната инфраструктура за управување со отпад, селекција и рециклирање, како и активности за затворање на дивите депонии со поддршка од ЕУ.
„Се подготвува нов закон за природа, а во рамките на европската мрежа „Натура 2000“ веќе се идентификувани 24 потенцијални подрачја кои опфаќаат околу 12 отсто од територијата на државата. Исто така, Предлог-законот за климатска акција е доставен на мислење до Венециската комисија, со што ги поставуваме темелите за постигнување климатска неутралност“, заклучи Арсова.