Мешовит парламентарен комитет ЕУ – Македонија: Проширувањето мора да биде предвидливо, Брисел ја препознава фрустрацијата од долгиот пат

3

Во Собранието денеска продолжува со работа Втората работна сесија на 25. Мешовит парламентарен комитет Европска Унија – Република Северна Македонија. Средбата, со која ко-претседаваат пратеничката Иванка Василевска и хрватскиот европратеник Карло Реслер, претставува клучна платформа за директен дијалог меѓу македонските пратеници и претставниците на Европскиот парламент.

Василевска: Напредокот мора да се вреднува, одложувањата отвораат простор за туѓи влијанија

Отворајќи ги работните сесии, ко-претседавачката Василевска изрази благодарност до Европскиот парламент за недвосмислената поддршка за процесот на проширување. Таа нагласи дека Европскиот парламент позитивно ги валоризира реформските чекори на земјата, меѓуетничката стабилност и целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, со што државата се потврдува како доверлив сојузник на НАТО и на Унијата.

Сепак, Василевска потенцираше дека процесот на евроинтеграција мора да биде двонасочна улица.

„Кредибилитетот на пристапниот процес се темели на заемна доверба и исполнување на обврските од двете страни. Од суштинско значење е напредокот на земјите кандидати да биде соодветно признаен, а политиката на проширување да остане предвидлива, конзистентна и заснована на реални заслуги. Одложувањето на проширувањето директно влијае врз европското присуство во регионот во услови на засилена геополитичка конкуренција“, предупреди Василевска.

Реслер: Земјата припаѓа во ЕУ, го разбираме разочарувањето од долгиот процес

Европратеникот Карло Реслер испрати порака на поддршка, истакнувајќи дека европската перспектива на државата е неспорна, но покажа и разбирање за долготрајниот процес.

„Земјата несомнено припаѓа во европското семејство. Но, истовремено, нам ни е кристално јасно колку овој пат кон евроинтеграциите е долг и фрустрирачки за вашите граѓани. Европскиот парламент сака да стои рамо до рамо со вас, со граѓаните и со колегите во Собранието“, порача Реслер.

Во рамките на работните активности, пратениците го усвоија и официјалниот записник од претходниот 24. состанок на Мешовитиот комитет што се одржа во Стразбур, а фокусот на денешната сесија е ставен врз конкретните реформи во правосудството, енергетиката, транспортот и економскиот развој.