Левица по одлуката за „Ласкарци“: Дали правдата во Македонија се саботира системски или сè е „случајност“?

Партијата реагира дека големите судски предмети свесно се претвораат во бесконечни процеси кои на крајот паѓаат, оставајќи ги семејствата на жртвите без заслужената правда.

4

По одлуката на Врховниот суд да ја укине пресудата за автобуската несреќа кај Ласкарци и да го врати случајот на почеток, политичката партија Левица реагира со сериозни обвинувања за начинот на кој функционира македонскиот правосуден систем. Од партијата ја отвораат дилемата – дали паѓањето на клучните судски предмети во земјава е само случајност или пак некој одамна го усовршил механизмот за суптилно саботирање на правдата?

Процедурална вртелешка на штета на жртвите

Од Левица потсетуваат дека поминаа седум и пол години од трагедијата кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, а државата сè уште нема конечна и правосилна разврска.

„Имавме истрага, обвиненија, вештачења и супервештачења, првостепена осуда, па одлука на Апелација која ја потврди вината и дури ги зголеми казните. Осудените веќе беа испратени во затвор, за на крај Врховниот суд да ја урне целата правосилност и да го врати предметот од почеток. Во секоја нормална држава ова би значело аларм за сериозен системски дефект“, велат од партијата.

Според нив, во Македонија веќе е воспоставена препознатлива матрица: високопрофилните предмети прво помпезно се најавуваат во јавноста за да се прикаже дека „системот функционира“, потоа со години се влечат низ судските лавиринти, а кога јавноста ќе помисли дека конечно има епилог – следува укинување на пресудите, застарување или ослободување.

Хронологија на неказнивоста: Од „Модуларната болница“ до „Талир 2“

Левица во својата реакција посочува уште неколку случаи кои, според нив, ја претвораат неказнивоста во доминантен политички амбиент во државата:

  • „Талир 2“: Апелациониот суд ја потврди ослободителната пресуда.
  • Модуларната болница во Тетово: Каде изгореа 14 луѓе, а предистрагата за јавните набавки по пет години беше затворена, со што практично беше амнестиран тогашниот министер Венко Филипче.
  • Случајот „Пулс“: Каде загинаа 63 лица, а јавноста дознава дека цели 13 години немало никаква противпожарна инспекција, додека истовремено истекуваат законските рокови за притвор.

„Државата се покажува како извонредно ефикасна кога треба да произведува спектакуларни најави за медиумите, но е хронично неспособна кога треба да испорача навремена, стабилна и несоборлива одговорност“, се вели во партиското соопштение.

Интегритетот на судиите под сериозен сомнеж

Од партијата посочуваат дека јавноста веќе нема причина да верува во априори интегритетот на судиите, потсетувајќи на неодамнешните скандали каде поранешен врховен судија призна противзаконито влијание, а кај апелациски судија беа пронајдени стотици илјади евра заѕидани во неговиот дом. Поради ова, Левица смета дека секоја необјаснета судска процедура мора да се гледа со сомнеж за корупција.

Лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Левица упати директни критики и до двете најголеми политички структури, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, нарекувајќи ги нивните ветувања за реформи во правосудството „лицемерни“.

„Три децении овие две политички структури ги менуваа министрите, законите, кадровските решенија, судските совети и реформските стратегии. Резултатот од нивното владеење денес го гледаме во извештаите на Европската комисија: одложени постапки, исклучително ретки конечни пресуди за висока корупција и сè подлабоко чувство на неказнивост кај граѓаните“, велат од Левица.

На крајот, партијата заклучува дека процедурите во македонскиот судски систем веќе одамна не ја штитат правдата, туку служат како инструмент за нејзино свесно задушување.