Свештеник од МПЦ-ОА против дигиталните документи: „Дигитализацијата е дигитален логор на сатаната, граѓаните го добиваат бројот 666″
Свештеникот Стеван Здравевски од Преспанско-пелагониската епархија остро ја нападна владината иницијатива за воведување дигитални лични карти и возачки дозволи, поврзувајќи ја дигитализацијата со „бројот на Антихристот" и повикувајќи ги верниците да не ги прифаќаат новите документи.
По најавата на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски за лансирање на мобилна апликација за дигитални лични документи и возачки дозволи, свештеникот Стеван Здравевски од Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ-ОА излезе со остра јавна реакција на социјалните мрежи.
Здравевски тврди дека со дигиталните документи, кои според неговото толкување го сведуваат човекот на идентификациски број, се брише личниот идентитет и човекот престанува да биде личност. Тој ја споредува дигитализацијата со системот на идентификација на затворениците и логорашите, кои не биле препознавани по име и презиме, туку по број.
„На Бога Му е важен ликот и името”
Во својата објава на Фејсбук, свештеникот ја поврзува дигитализацијата директно со сатаната и Антихристот, користејќи теолошки аргументи за значењето на името во христијанската традиција.
„На сатаната му пречи ликот на човекот затоа што човекот е образ Божји и името му е од Бога дадено, затоа важен му е бројот да знае колкав број души погубил во пеколот. На Бога Му е важен ликот и името, затоа во Црквата најважно е името — со име се крштеваме, со име се миропомазуваме, со име се причестуваме, со име се венчаваме, со име се погребуваме, со име се опеваме и т.н.”, пишува Здравевски.
Повик до верниците да не се дигитализираат
Свештеникот завршува со директен апел до верниците да ги одбијат дигиталните документи.
„Од сето ова очигледно е на кого му служат овие политичари — на Бога или на Ѓаволот! Затоа апелирам до сите крстени да не се лажат да се дигитализираат, бидејќи со тоа влегуваат во дигиталниот логор на сатаната и го добиваат бројот на Антихристот 666, за кој што е пророкувано во Св. Откровение”, стои во објавата на Здравевски.
Контекст
Реакцијата на свештеникот доаѓа по најавата на министерот Андоновски дека од 28 октомври ќе биде промовирана апликација за дигитален паричник, преку која граѓаните ќе можат селективно да ги споделуваат податоците од личната карта и возачката дозвола преку QR-код за еднократна употреба. Ваквите реакции од дел од свештенството на МПЦ-ОА не се нови — слични ставови против дигитализацијата и електронските документи беа изразувани и претходно, особено во контекст на дебатите за електронското здравство и биометриските лични карти.