Вториот ребаланс на буџетот пред Комисијата: 124 амандмани, приходи и расходи намалени за 5,3 милијарди, дефицитот непроменет

Амандманската расправа за вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година продолжува денеска во собраниската Комисија за финансирање и буџет, со вкупно 124 поднесени амандмани и проекции за намалени приходи и расходи, но задржан дефицит од 4,1 отсто од БДП.

1

Со предложените корекции, буџетските приходи се проектирани на 374,2 милијарди денари, што претставува намалување за околу 5,3 милијарди денари во споредба со претходниот план. Истовремено, расходите се предвидени на 420,5 милијарди денари, исто така пониско за 5,3 милијарди.

Буџетскиот дефицит останува непроменет и изнесува 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од БДП.

Даночни приходи и акцизи — најголемите корекции

При образложувањето на ребалансот на 8 октомври, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска посочи дека кај даночните приходи се предвидува намалување од 213,3 на 209,8 милијарди денари, или за 1,6 проценти.

Најзначајната промена е кај акцизите, каде што очекуваните приходи се намалуваат од 34,1 на 30,4 милијарди денари.

„Како причина го наведуваме намалувањето на акцизите за бензините и дизелот, мерка што треба да го ублажи ефектот од поскапувањето на нафтените деривати врз граѓаните и стопанството”, објасни Димитриеска-Кочоска.

Дополнително намалување од речиси две милијарди денари е предвидено кај неданочните приходи и донациите, главно поради одложената реализација на проекти финансирани од сопствените сметки на буџетските корисници. Кај приходите од персонален данок, данок на добивка, ДДВ и царини, очекувањата остануваат во рамките на планираното.

Капиталните расходи намалени за 5,7 милијарди

На расходната страна, корекциите се однесуваат на стоките и услугите, субвенциите и капиталните инвестиции. Капиталните расходи се намалуваат за речиси 5,7 милијарди денари.

„Ова е последица на поместувањето на роковите за реализација на одредени инфраструктурни и други капитални проекти”, појасни министерката.

Димитриеска-Кочоска нагласи дека, и покрај рационализацијата на трошоците, се обезбедуваат дополнителни средства за социјално ранливите категории и здравствените услуги, а продолжува и финансиската поддршка за општините и локалните инфраструктурни проекти.

Економски раст и долговни обврски

Проекцијата за економски раст во 2026 година останува 3,5 проценти, иако во првата половина од годината БДП забележа раст од 3,7 проценти.

„Прогнозата не е променета поради неизвесноста во светската економија и продолжените конфликти на Блискиот Исток и во Украина”, објасни Димитриеска-Кочоска.

Во текот на годината, државата треба да сервисира обврски во вкупен износ од 76,6 милијарди денари, вклучително отплата на надворешниот и домашниот долг, како и обврски кон Развојната банка. Според Министерството за финансии, средствата за нивно редовно подмирување се предвидени преку планираното домашно и странско задолжување.

Министерката оцени дека со задржувањето на дефицитот на истото ниво се одржува утврдениот фискален таргет, и покрај намалените приходи и мерките за поддршка на граѓаните и економијата.