НСДП бара зголемување на минималната плата со ребалансот: „Синдикалната кошница надмина 70.000 денари, а платите стојат“
Опозициската партија ја обвини Владата на Мицкоски дека ги игнорира реалните трошоци на домаќинствата и предлага средствата за повисоки плати да се обезбедат преку кратење на привилегиите и непродуктивните буџетски трошоци на функционерите.
Новата социјалдемократска партија (НСДП) излезе со остро соопштение во кое ја критикува Владата за, како што наведуваат, игнорирање на се поголемиот јаз меѓу платите и реалните трошоци за живот на граѓаните.
„Една минимална плата не е доволна ниту за храна”
Партијата се повикува на најновите податоци според кои вредноста на синдикалната минимална кошница надмина 70.000 денари, истакнувајќи дека тој износ далеку ја надминува заработувачката на голем дел од работниците.
„Додека владините претставници зборуваат за успеси и економски напредок, граѓаните секојдневно се соочуваат со поскапа храна, високи сметки и сè помала куповна моќ. За работниците, владините фалби не значат ништо кога платата не стигнува ниту за основните потреби на семејството”, се наведува во соопштението.
Од НСДП бараат Владата јавно да одговори како очекува едно семејство да преживее кога трошоците за живот ја надминуваат неговата вкупна заработка.
Конкретно барање: Пари за плати преку ребаланс на Буџетот
Партијата бара со претстојниот ребаланс на Буџетот да се обезбедат средства за зголемување на минималната плата, оценувајќи дека не е доволно од работниците да се бара трпение или самостојно да преговараат со работодавачите.
Како извор на средствата, НСДП предлага кратење на непродуктивните буџетски трошоци, како и редуцирање на привилегиите и удобностите на функционерите.
„Во време кога илјадници семејства едвај врзуваат крај со крај, недозволиво е власта да ги штити сопствените привилегии, а од работниците да очекува да се откажуваат од основните животни потреби. Буџетот мора да биде во служба на граѓаните, а не на луксузот на функционерите”, порачуваат од партијата.
„Достоинствениот живот не е привилегија”
Од НСДП нагласуваат дека не прифаќаат сиромаштијата да се претставува како неизбежна судбина, ниту работниците да бидат жртви на, како што тврдат, погрешните приоритети на Владата.
„Достоинствениот живот не е привилегија, туку основно право на секој човек што чесно заработува за себе и за своето семејство. На работниците не им требаат празни ветувања – им требаат повисоки плати, пониски трошоци и достоинствен живот”, заклучуваат од партијата.
На крајот, НСДП побара од Владата да направи јасен избор – дали ќе продолжи да ги штити привилегиите на функционерите или конечно ќе застане на страната на работниците.