Црна Гора пред историска одлука: Затвор до 10 години за величење на осудени воени злосторници

Иницијативата на Бошњачката партија доаѓа по јавните реакции и хероизирањето на Ратко Младиќ по неговата смрт. Со новите измени, Црна Гора би станала втората земја во регионот која експлицитно го санкционира овој чин.

6

Црна Гора би можела да воведе строги затворски казни од шест месеци до десет години за секое јавно величење на правосилно осудени воени злосторници. Ова го предвидуваат новите измени на Кривичниот законик предложени од Бошњачката партија (БП), која е дел од владината коалиција во Подгорица, пишува црногорскиот весник „Вијести“.

Предлог-законот е директен одговор на бурните реакции во црногорската јавност по смртта на поранешниот командант на Армијата на Република Српска, Ратко Младиќ, кој почина на 27 август годинава во затворот во Хаг, каде што издржуваше доживотна казна за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства. По неговата смрт, дел од црногорските политичари, како и високи претставници на Српската православна црква (СПЦ), јавно го величеа и го претставуваа како херој.

Од графити до социјални мрежи: Што сè ќе се казнува?

Со предложените законски измени се предвидува основна казна затвор од шест месеци до пет години за секое јавно величење, хероизирање, оправдување или претставување како „морален авторитет“ или „ослободител“ на лице кое е правосилно осудено за најтешки воени злосторства од страна на црногорски или меѓународен суд.

Законот детално ги дефинира формите на величење, со што се опфаќаат:

  • Јавни говори и изјави,
  • Објави на социјалните мрежи и интернет-платформи,
  • Аудиовизуелни материјали, фотографии, плакати и симболи,
  • Цртање графити и пеење навредливи песни,
  • Организирање јавни собири и одбележување годишнини.

Построги казни за функционери и ширење омраза

Предлог-законот предвидува и значително поригорозни затворски казни доколку делото е извршено под одредени отежителни околности:

  • Од една до осум години затвор се предвидува доколку при величењето биле употребени принуда и закани, доколку е оштетен имот или се сквернавени споменици и гробишта.
  • Од две до 10 години затвор е предвидено доколку делото е извршено со злоупотреба на службената положба, доколку е масовно проширено преку медиумите и интернетот, или пак довело до немири, насилство и сериозно нарушување на мултиетничкиот соживот во државата.

Пополнување на правната празнина

Во моментов, член 370 од Кривичниот законик на Црна Гора предвидува казна до пет години затвор за негирање или омаловажување на геноцид и воени злосторства, но постојната регулатива не го санкционира експлицитно величењето на самите сторители.

Останатите партии од владејачкото мнозинство сè уште не се изјасниле дали ќе го поддржат овој предлог, додека најголемата опозициска партија, Демократската партија на социјалистите (ДПС), веќе најави сигурна поддршка за законот. Министерството за правда соопшти дека пред конечното гласање ќе бидат направени консултации со домашната експертска јавност и со Европската комисија.

Доколку Собранието во Подгорица ги изгласа овие измени, Црна Гора ќе стане втората земја во регионот, по Босна и Херцеговина, која со посебен закон изречно го забранува и го казнува величењето на воените злосторници.