Годишнина од масакрот кај Љуботенски Бачила: Македонија им оддаде почит на осумтемина армиски резервисти

3

Денеска се навршуваат 25 години од еден од најкрвавите настани во воениот конфликт од 2001 година – масакрот кај месноста Љуботенски Бачила. На овој датум, македонската јавност се потсетува на жртвата на осумтемина припадници на резервниот состав на Армијата, кои загинаа бранејќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на државата.

Трагичниот 10 август 2001 година

Настанот се случи околу 8 часот наутро, кога воен камион на АРМ, кој превезувал муниција, на патот кон Љуботенски Бачила налетал на две противтенковски мини поставени од тогашната ОНА. Во страшната експлозија на самото место животот го загубија осум војници, а уште осуммина беа тешко повредени.

По детонацијата, во реонот започнала повеќечасовна жестока престрелка меѓу втората чета на Третиот баталјон и припадници на ОНА. Борбите запреле дури по интервенција на воените хеликоптери Ми-24, по што непријателските формации се повлекле.

Во овој трагичен настан своите животи ги положија:

  • Томе Бадаревски (33)
  • Марјанчо Бошковски (28)
  • Томе Димовски (37)
  • Ивица Златевски (24)
  • Бранко Јанев (36)
  • Раде Јанковски (32)
  • Томислав Настевски (27)
  • Гоце Чанкуловски (39)

Државни и воени почести за загинатите бранители

По повод годишнината, делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска одаде почит на спомен-обележјата низ државата.

Комеморативните активности започнаа рано утрово во општина Ѓорче Петров, кај споменикот на Томислав Настевски, а продолжија во селото Волково. Централното одбележување се одржа кај споменикот на бранителите во селото Љубанци, по што делегацијата положи свежо цвеќе и кај спомен-плочата во касарната „Илинден“ во Скопје.

Со полагање венци и почесна стрелба, државата уште еднаш порача дека делото и пожртвуваноста на хероите од Љуботенски Бачила никогаш нема да бидат заборавени.

Македонски