Трагедија во Преспа: Нуркачи од единицата „Тигар“ трагаат по 71-годишен скопјанец кој исчезна во езерските води

1

Специјализирани нуркачки екипи на МВР и полициски службеници од вчера се во потрага по 71-годишен жител на Скопје, кој исчезна во водите на Преспанското Езеро, во близина на ресенското село Сливница.

Според официјалните информации од СВР Битола, несреќата била пријавена вчера околу 12:20 часот. Инцидентот се случил додека исчезнатиот М.М. бил на риболов со чамец заедно со уште едно лице. Во еден момент, веслата паднале во водата, по што 71-годишниот скопјанец скокнал во езерото со намера да ги извлече, но повеќе не се појавил на површината.

Драмата на езерото дополнително се искомпликувала поради неповолните временски услови. Вториот рибар, кој останал во чамецот, поради силниот ветер не можел да му помогне на својот пријател. Ветерот го одвлекол чамецот околу еден километар подалеку од брегот, во правец кон месноста Крани.

На терен се ангажирани припадници на Специјалната антитерористичка единица (САЕ) „Тигар“, чии нуркачки тимови вршат пребарување на дното и на крајбрежниот појас во реонот каде што последен пат бил забележан исчезнатиот маж.

Истрагата и потрагата продолжуваат со зголемен интензитет, иако работата на нуркачите зависи од временските услови и видливоста во езерските води.

Македонски