СДСМ: Ветувањата на Мицкоски за цената на струјата не влеваат доверба, туку страв од нови поскапувања
Опозициската СДСМ преку официјално соопштение упати сериозни критики до премиерот Христијан Мицкоски, тврдејќи дека неговите уверувања оти струјата нема да поскапи дополнително ја вознемируваат јавноста. Според партијата, досегашното искуство покажува дека по најавите на премиерот за стабилизација, граѓаните често се соочуваат со спротивен ефект – раст на трошоците за живот.
Од СДСМ повлекуваат паралела со цените на нафтените деривати, посочувајќи дека и покрај претходните тврдења на Мицкоски за стагнација, горивата поскапеле. Тие предупредуваат дека истата „формула“ сега се применува и кај електричната енергија.
„Во регионот веќе се чувствуваат сериозни енергетски проблеми, вклучувајќи го историски нискиот водостој на Дунав, намаленото производство и високите цени на берзите. Со оглед на тоа што Македонија е зависна од увоз на струја, кога соседите се соочуваат со криза, трошокот паѓа на грбот на нашите граѓани“, нагласуваат од опозицијата.
Како аргумент за својата недоверба, партијата го посочува и веќе одобреното поскапување на парното греење, кое се случи уште пред официјалниот старт на грејната сезона.
„Кога Мицкоски вели дека нема да има поскапување, за граѓаните тоа веќе не звучи како ветување, туку како предупредување за нов ценовен шок“, се вели во соопштението.
Дополнително, СДСМ упати и лични критики до премиерот, реферирајќи на неговите бизнис-интереси во секторот со хидроцентрали, увозот на енергија и неговиот приватен животен стил, со што ја обвинија власта за недостиг на емпатија кон стандардот на граѓаните.