СДСМ АЛАРМИРА: Мицкоски ја увезува медиумската машинерија на Вучиќ и воведува „српско сценарио“ со напади врз неистомисленици
Опозициската СДСМ упати сериозни обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски, тврдејќи дека власта подготвува терен за целосен медиумски мрак преку увоз на пропагандната машинерија на српскиот претседател Александар Вучиќ. Паралелно со ова, партијата алармира за физички напади врз млади активисти, што го оценува како почеток на примена на насилна пресметка со сите кои ја критикуваат Владата.
Според соопштението на СДСМ, неуспесите во економијата и здравствената криза во Гостивар ја принудиле владејачката партија да побара засилување на пропагандниот фронт.
Под команда на Латас: Од „Ало“ и „Информер“ до македонски Еуроњуз
Од СДСМ тврдат дека од септември во Македонија започнува со работа нова медиумска мрежа директно поврзана со српскиот државен врв.
„Мицкоски веќе не може да ги скрие задолжувањата и труењето на народот. Затоа сега ја увезува машинеријата на Вучиќ – „Ало“ групацијата и озлогласениот „Информер“. Се подготвува и лиценца за „Еуроњуз“ која треба да ја води Ивона Талевска, а целата оваа мрежа ќе биде под команда на Драган Павловиќ – Латас, човек со докажани врски со српските служби. Целта е јасна: воспоставување медиумски мрак по модел на Србија“, велат од СДСМ.
Инцидент во Ново Село: Нападнати млади активисти со транспарент
Опозицијата обвинува дека покрај медиумскиот притисок, власта започнала и со физичко насилство на терен. Како доказ го посочуваат синоќешниот инцидент во Ново Село, каде млади активисти на СДСМ биле нападнати додека носеле транспарент поврзан со неисправната вода во Гостивар.
„Единственото што го направија овие млади луѓе беше мирен протест за затруената вода. Одговорот на Мицкоски беше испраќање на група тепачи. Идентификуван е еден од напаѓачите, извесен Наско Димитриев, возач на градоначалникот на Струмица. Овие фашистички методи на заплашување нема да поминат. Бараме од МВР и Обвинителството уште денес да ги лишат од слобода сите инволвирани“, се нагласува во партиската реакција.
„Народот е буден и не се плаши“
Од СДСМ заклучуваат дека Мицкоски ја преминал секоја граница на демократско однесување и дека стравот веќе не е сојузник на власта. Тие порачуваат дека „Гебелсовите техники“ во медиумите и насилството на улиците нема да го сопрат разобличувањето на лошите политики.
„Младите не се плашат, а народот е буден. Секое потиснување на вистината со сила само дополнително го забрзува падот на овој режим“, стои во соопштението.