Негативен извештај од ДЗР: „Паркинзи Центар“ должи 1,4 милиони евра на Општината, хаос во сметководството и тендерите

8

Државниот завод за ревизија (ДЗР) констатираше серија сериозни прекршувања, финансиски нерегуларности и незаконско работење во ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ – Скопје (ПОЦ) за 2024 година. Поради големиот број пропусти, ревизорите изразија неповолно мислење за објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за почитувањето на законите.

Извештајот на ДЗР открива загрижувачка слика за начинот на кој се управувало со јавното претпријатие. Од милионски долгови кон матичната општина, преку ненаплатени побарувања, до сомнителни јавни набавки и незаконски пресметки на плати – листата на утврдени неправилности е долга.

Милионски долгови и ненаплатени побарувања

Еден од најфрапантните податоци во извештајот е дека јавното претпријатие не ги подмирувало своите обврски кон Општина Центар. Заклучно со 2024 година, ПОЦ должи над 1,4 милиони евра (86,3 милиони денари) за неплатена комунална такса. Најголемиот дел од овој долг е натрупан во периодот од 2019 до 2023 година.

Од друга страна, претпријатието е крајно неефикасно во наплатата на сопствените побарувања. ПОЦ не успеало да наплати повеќе од 1,3 милиони евра, од кои дури 25 отсто (околу 331 илјади евра) се постари од шест години. Ревизорите нотираат дека раководството не презело навремени мерки за нивна наплата, ниту пак извршило законско обезвреднување на ненаплатливите долгови.

Дополнително, претпријатието оштетило и дел од државниот буџет. При отпис на долгови на физички лица во висина од над 2,2 милиони денари, не бил пресметан и платен данокот на личен доход, со што државната каса останала покуса за 247 илјади денари.

Хаос во благајната, пописот и евиденцијата на имотот

ДЗР утврди дека ПОЦ воопшто не ја евидентирало соодветно својата опрема, како што се паркоматите, монтажните конструкции и киосците, ниту пак пресметувало амортизација за средствата ставени во употреба.

Сметководственото работење е оценето како непрофесионално. Претпријатието немало донесено сметководствени политики, трговските книги не биле заклучени на време (што остава простор за ретроактивни и сомнителни промени), а пописот на имотот бил нецелосен. Ревизорите откриле и несогласување кај парите во благајната, за што пописната комисија воопшто не изготвила извештај.

Благајничкото работење се одвивало надвор од стандардите – без интерен акт, без благајнички дневник и со некомплетирана документација, што ја доведува во прашање безбедноста на готовината.

Плати надвор од закон и сомнителни тендери

Неправилности се утврдени и во однос на вработените. Платите и надоместоците се делеле според правилник кој не е усогласен со законските прописи и со Општиот колективен договор за јавниот сектор. Истовремено, внатрешната ревизија во претпријатието била кадровски некипмирана и функционирала без стратешки и годишен план.

Под лупа на ДЗР се нашле и јавните набавки. Во тендери вредни околу 4,5 милиони денари, откриени се сериозни пропусти:

  • Поставувани се несразмерни услови за учество на фирмите.
  • Прифаќани се понуди кои биле поскапи од проценетата вредност, без да се направи анализа или да се обезбедат дополнителни средства.
  • Техничките спецификации биле нејасни.
  • Претпријатието ги игнорирало прашањата од економските оператори и доцнело со објавувањето на известувањата за склучени договори на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН).

Државниот завод за ревизија веќе испрати серија препораки до раководството на претпријатието и надлежните институции, со цел итно отстранување на незаконското работење и финансиската консолидација на ПОЦ.

Македонски