Шок во судницата во Идризово: кај обвинетиот Камбери пронајдени 13 телефони и лаптоп во притвор

17

Во судницата во КПУ „Идризово“ денес се одржува ново рочиште за случајот „Пулс“, на кое обвинетите требаше да се изјаснат за вина, но главната расправа веднаш падна во втор план по откритието за сериозна злоупотреба од страна на еден од обвинетите. Како што пишува 4news.mk, судијката Дијана Груевска Илиевска го соочи обвинетиот Џеваир Камбери со материјални докази дека во неговата ќелија во истражниот затвор „Скопје“ биле пронајдени 13 мобилни телефони и еден лаптоп — опрема која строго е забранета за притворени лица.

На прашањето на судијката како е можно кај него да се најде толку опрема, Камбери понуди објаснување што ја шокираше судницата:

„Јас ги најдов таму уште кога влегов.“

Судијката веднаш реагираше со недоверба:

„13 мобилни телефони сте ги нашле вие? Ве молам… знаете што следува понатаму – самица и други мерки.“

Џеваир Камбери, инаку поранешен советник во Министерството за економија, е обвинет како дел од групата која, според обвинителството, овозможила фирмата „Пулс“ да работи со фалсификувани лиценци. Според обвинението, тој изготвувал лажни службени исправи и примал поткуп. Обвинителството тврди дека зел 226.000 денари за да издаде фалсификувана лиценца за кабаре, без да биде спроведена законски пропишаната постапка.

Рочиштето продолжува, а судот најави дополнителни мерки поради злоупотребите во притвор.

Makedonski