ЕУ размислува за прием на нови членки без целосни права на одлучување

5

Европската унија разгледува можност идните членки да ѝ се приклучуваат на Унијата со ограничени права на одлучување, вклучително и без право на вето, со цел да се забрза процесот на проширување, дознава бриселски „Политико“ повикувајќи се на дипломатски извори.

Според информациите, предлогот е во почетна фаза и ќе бара едногласна поддршка од сите 27 земји-членки. Планот предвидува новите држави да можат да уживаат најголем дел од придобивките на членството, додека целосни права би добиле откако Унијата ќе спроведе институционални реформи — меѓу кои и укинување на едногласното донесување одлуки во повеќе области.

Дипломатски извори за „Политико“ појаснуваат дека ваквиот модел би овозможил новиот прием да се одвива под пофлексибилни услови, без потреба од промени во основачките договори на Унијата.

Земјите што го поддржуваат проширувањето, меѓу кои Австрија и Шведска, ја гледаат оваа иницијатива како начин да се надминат блокадите што, според нив, потекнуваат од Будимпешта и неколку други главни градови кои стравуваат од економски или безбедносни последици.

„Идните членки треба да се откажат од правото на вето додека не се воведе систем на квалификувано мнозинство. Не смееме да дозволиме поединечни држави да го забавуваат процесот на проширување“, изјави Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за европски прашања во германскиот Бундестаг.

Досега важеше правилото дека проширувањето не може да се спроведе без темелна институционална реформа. Сепак, обидите за укинување на правото на вето се соочија со силен отпор — не само од Унгарија, туку и од Франција и Холандија.

Хофрајтер смета дека новиот пристап би ѝ овозможил на Унијата да остане функционална дури и по проширувањето. „Разговорите со претставниците на земјите од Западен Балкан покажуваат дека тие ја гледаат оваа идеја како конструктивна и реалистична“, додаде тој.

„Политико“ објаснува дека иницијативата доаѓа во време на зголемена фрустрација меѓу земјите-кандидатки, кои спроведоа значајни реформи, но и понатаму се соочуваат со застој во пристапниот процес.

„Хрватска беше последната држава што ѝ се приклучи на ЕУ пред повеќе од десет години, додека Велика Британија во меѓувреме ја напушти Унијата. Време е овој процес повторно да оживее“, изјави претходно црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ за „Политико“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го стави проширувањето во фокусот на својата агенда и најави дека Украина и Молдавија би можеле да се приклучат до 2030 година. Сепак, земјите-членки засега не покажуваат подготвеност за забрзување на процедурите.

Претходната иницијатива на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за забрзано проширување беше одбиена од неколку членки, потсетува „Политико“.

Во среда, во Лондон, ќе се одржи самит во рамките на Берлинскиот процес, каде што лидерите на ЕУ ќе разговараат за понатамошната интеграција на Западен Балкан.

Според извори од Унијата, Европската комисија размислува да предложи продолжување на преговорите со кандидатите дури и без формална согласност од сите членки, со што би се избегнало вето, особено од страна на Будимпешта.

Во нацрт-заклучоците за претстојниот самит на лидерите во Брисел, проширувањето воопшто не е споменато, што предизвика реакции кај земјите што го поддржуваат процесот.

„Доколку Унијата не ги забрза реформите и проширувањето, ризикува да ја изгуби својата стратешка предност во корист на трети актери кои веќе ја чекаат својата можност“, изјави австриската министерка за европски прашања, Клаудија Плаколм.

Makedonski