Брисел попушти под притисокот на Трамп: Постигнат договор за укинување на царините за американски стоки

6

Европската Унија и САД се чекор поблиску до стабилизација на трговските односи откако преговарачите на земјите-членки и на Европскиот Парламент постигнаа привремен договор за спроведување на контроверзниот царински пакет. Одлуката доаѓа во период на засилени тензии и директни закани од американскиот претседател Доналд Трамп за воведување нови, рестриктивни давачки за европската индустрија.

Кипарското претседателство со Советот на ЕУ потврди дека е постигнат консензус за две клучни регулативи. Со нив, Унијата се обврзува целосно да ги укине преостанатите царини за американската индустриска стока, но и да овозможи поширок влез на европскиот пазар за производите од американското рибарство и земјоделство.

Засилен заштитен механизам како „осигурувач“

За да ги смират страстите во Брисел, преговарачите договорија и засилен заштитен механизам. Овој инструмент ќе и овозможи на ЕУ веднаш да ги суспендира сите царински поволности доколку Вашингтон не се придржува до договореното или воведе нови еднострани санкции.

„Патот беше исклучително тежок, но вреден. Ефектите врз европската економија внимателно ќе се следат, а ревизија на договорот е предвидена до крајот на 2029 година“, изјави Бернд Ланге, претседател на Комитетот за меѓународна трговија во Европарламентот.

Трговија под сенката на заканите

Овој договор е директен дериват на средбата меѓу Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од август 2025 година. Со него беше утврдена горна граница од 15 отсто за увоз на европски производи во САД, вклучувајќи ги и стратешки важните автомобили и автоделови.

Сепак, имплементацијата течеше бавно, што го испровоцира Трамп повторно да се закани со царини од 25 отсто за европските возила и камиони, обвинувајќи го Брисел за опструкции. Со денешниот договор, ЕУ се отвора за американското свинско месо и млечните производи, надевајќи се дека тоа ќе го одврати Трамп од понатамошна ескалација на трговската војна.

Што следува?

Иако договорот се смета за веќе завршена работа, тој мора да помине низ формално одобрување на пленарна седница на Европскиот парламент и кај земјите-членки. Се очекува новите регулативи официјално да стапат на сила најдоцна до 4 јули годинава.

Македонски