ВЛЕН со остри критики до Ахмети за „Отворен Балкан”: „Продолжува да поддржува регионални проекти наместо поблиски врски со Косово и Албанија”

Партијата ВЛЕН упати серија остри критики до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, обвинувајќи го за поддршка на концептот „Отворен Балкан" на штета на стратешкото поврзување со Албанија и Косово. Во реакцијата, ВЛЕН го покрена и прашањето за молчењето на Ахмети за настаните во Бањска, како и наводните врски со сопственикот на Алта банка.

10

Од ВЛЕН сметаат дека Ахмети и ДУИ во континуитет поддржуваат регионални проекции предводени од Белград, наместо да ги стават во фокусот националните и економските интереси на Албанците преку директна соработка со Косово и Албанија.

Во реакцијата, ВЛЕН ја критикува Србија поради непризнавањето на независноста на Косово и поради тоа што, според нив, не презела одговорност за случувањата од 1999 година. По посебен акцент е ставен и случајот во Бањска од септември 2023 година, при што ВЛЕН го обвинува лидерот на ДУИ дека избегнал да го осуди овој чин.

Стратешки приоритети на Владата: Коридор 8 и гранични олеснувања

Од ВЛЕН подвлекуваат дека актуелната владина коалиција е цврсто определена за зајакнување на односите со Тирана и Приштина преку конкретни инфраструктурни проекти.

Како клучни приоритети ги посочуваат изградбата на Коридорот 8, автопатот Скопје – Блаце, патниот правец Тетово – Призрен, како и имплементацијата на проектот „One Stop Shop” за брз премин на граничните премини со соседните две земји.

„Националните прашања не смеат да бидат предмет на политички, групни или семејни интереси”, се наведува во соопштението на ВЛЕН.

Обвинувања за трансакции и Алта банка

Покрај геополитичките и инфраструктурните теми, ВЛЕН во соопштението изнесе и обвинувања за наводни сомнителни трансакции, при што директно ја спомена и Алта банка — институцијата која се наоѓа под истрага поради нејзиниот сопственик Давор Мацура и чии акции Народната банка најави дека ќе ги продава на берза од 30 ноември.

Државната дебата меѓу ривалските табори во албанскиот политички блок дополнително се заострува пред најавените средби на лидерите на коалицијата во декември, при што надворешната политика и регионалните иницијативи остануваат една од главните точки на спорење.