Утрински минус во Берово, преку ден сончево и пријатно: Денеска температури до 26 степени

По студеното утро во кое Малешевијата се разбуди на -2 степени, УХМР за денеска најавува сончев есенски ден со слаб северен ветер.

9

Студено есенско утро со температури под нулата е регистрирано денеска во источниот дел од земјата, но во текот на денот нè очекува стабилно, сончево и значително потопло време, соопштија од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Според официјалните утрински мерења, најстудено било во Берово, каде што живата на термометарот се спушти на -2 степени Целзиусови. Ниски температури беа измерени и во планинските центри – во Маврови Анови се регистрирани 2 степени, на Попова Шапка 3, додека во Скопје утрово беа измерени 7 степени. Најтопло утро имаа жителите на Виница, со измерени 11 степени.

Сончев ден со пораст на дневните температури

Во текот на денот времето ќе биде претежно сончево, со слаб до умерен ветер од северен правец. Дневните температури ќе бидат во значителен пораст во однос на утринските и максималните вредности ќе се движат во интервал од 19 до 26 степени.

Во Скопје и околината се очекува сончево и пријатно време со слаб до умерен ветер од северен правец, а максималната дневна температура ќе достигне до 25 степени.