Падна првата оставка за скандалот во „Македониумот“: Директорот на крушевскиот музеј си заминува, Владата бара смена и на Управниот одбор
По жестоките реакции во јавноста за снимањето на рап-спотот „Секси мама“ покрај гробот на Никола Карев, Миха Оџаклиески се повлече од функцијата како „морален и етички чин“.
Директорот на Националната установа „Историски музеј“ – Крушево, Миха Оџаклиески, денеска поднесе неотповиклива оставка од раководната функција, по лавината негативни реакции во јавноста предизвикани од комерцијалното изнајмување на споменикот „Македониум“ за снимање музички спот.
Во своето образложение, Оџаклиески наведува дека повлекувањето од директорската позиција претставува негов личен, морален и етички чин, како и израз на одговорност кон самата институција, заштитата на спомениците и македонската јавност.
Музички спот на свето место го вклучи алармот
Оставката е директна последица на скандалот што изби откако на социјалните мрежи беше објавен видеоспотот за песната „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони. Сцените беа снимени во внатрешноста на споменикот „Илинден“ (Македониум) во Крушево – објект со статус на заштитено национално културно наследство од прва категорија, каде што почиваат посмртните останки на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев.
Јавноста, стручната фела и политичките партии деновиве упатија остри критики, оценувајќи дека станува збор за недозволиво сквернавење на македонскиот историски идентитет и претворање на национално светилиште во комерцијална сценографија за сума од само 500 евра.
Мицкоски најави разрешувања на целото раководство
За случајот денеска официјално се огласи и премиерот Христијан Мицкоски, кој најави бескомпромисни мерки и одговорност за сите инволвирани во издавањето на дозволата.
Премиерот истакна дека уште во текот на денешниот ден ќе побара итно разрешување на директорската функција во Историскиот музеј во Крушево, како и разрешување на сите членови на Управниот одбор на оваа национална установа кои дале согласност или овозможиле историскиот комплекс „Македониум“ да биде комерцијално изнајмен за ваков тип содржини.