Обвинение против петмина лекари од битолската болница: Несовесно лекување довело до смрт на 40-годишна пациентка
Наместо тромбоза ѝ дијагностицирале артритис – интернистите од „Д-р Трифун Пановски“ четири дена не направиле дополнителни испитувања и покрај алармантните резултати, по што жената починала од гангрена на цревата.
Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против петмина лекари интернисти вработени во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола. Тие се товарат за сторено тешко кривично дело против здравјето на луѓето, поради несовесно и несоодветно лекување кое завршило со смртен исход кај 40-годишна пациентка.
Според истрагата на Обвинителството, лекарските пропусти биле направени во периодот од 28 мај до 4 јуни 2024 година на Одделот за интерни болести, при што обвинетите доктори не постапиле согласно медицинските протоколи и стандарди, што довело до фатално влошување на состојбата на пациентката.
Погрешна дијагноза и пропуштена шанса за навремено лекување
Хронологијата на случајот покажува дека пациентката првично била упатена во болницата од матичен лекар со сомнение за тромбофлебитис (воспаление на вени со згрутчување на крвта).
Сепак, по приемот на интерното одделение, дежурните лекари – без да земат целосна медицинска анамнеза и без да направат детални дијагностички и лабораториски анализи – погрешно и поставиле дијагноза за ревматоиден артритис, и препишале несоодветна терапија и веднаш ја пуштиле на домашно лекување.
Обвинителството потенцира дека со овој пропуст целосно била изгубена можноста навремено да се дијагностицира тромботичниот процес и со соодветна терапија да се спречи неговото смртоносно ширење низ крвните садови.
Четиридневна пасивност во болницата и покрај алармантните наоди
Поради неконтролирано влошување на состојбата и силни болки во стомакот, пациентката на 1 јуни повторно побарала помош во битолската болница, по што овојпат била хоспитализирана.
Сепак, според наодите во обвинението, во текот на следните четири дена додека лежела на одделот, медицинскиот тим не презел никакви дополнителни дијагностички испитувања за да го утврди изворот на проблемот, иако контролните лабораториски и биохемиски анализи покажувале изразено абнормални и критични вредности.
Доцна операција во приватна клиника и фатален исход
Во исклучително тешка и животно загрозувачка состојба, пациентката на 4 јуни попладнето била префрлена во приватна болница во Скопје.
Лекарите таму веднаш пристапиле кон итна хируршка интервенција, при што констатирале масивна тромбоза на горната и долната мезентерична артерија, која веќе предизвикала тотална гангрена на тенкото и дебелото црево. Поради задоцнетата реакција, состојбата веќе била неоперабилна и медицински непоправлива, по што младата жена починала следниот ден, на 5 јуни.
Петмината доктори се гонат за кривично дело „Тешки дела против здравјето на луѓето“ (согласно член 217 став 4 во врска со член 207 од Кривичниот законик), за кое е предвидена повеќегодишна затворска казна.