Граѓани алармираат: Маж вознемирува млади девојки на потегот Центар – Карпош, наводно и во градски автобус
Според сведоштва објавени на социјалните мрежи, истото лице веќе било пријавувано во полиција, но по кратко задржување повторно било пуштено на слобода. Надлежните засега не се огласиле.
Група граѓани, претежно млади жени, преку социјалните мрежи упатија апел за внимание и поголема ангажираност на надлежните институции по серија пријави за маж кој наводно систематски ги следи и вознемирува своите жртви на потегот од Центар кон Карпош во Скопје, вклучително и во возилата на јавниот градски превоз.
Сведоштво: „Ме фати за рака и не сакаше да ме пушти”
Една од жртвите, млада девојка, јавно го сподели своето искуство, опишувајќи два одделни инциденти со, како што тврди, истото лице.
„Пред извесно време, додека снимав видео на една локација, еден маж ми пријде наводно за да ме праша нешто. Во моментот кога застанав, ме фати за рака и одбиваше да ме пушти. За среќа, во истиот момент наидоа луѓе и успеав да се извлечам и брзо да заминам. Сега истиот човек повторно ме пронајде – седна до мене во градски автобус и повторно ми се обрати. Кога го сменив седиштето, и тој го стори истото”, сведочи девојката.
Повеќе жртви, ист образец на однесување
На објавата се надоврзаа и други млади лица кои тврдат дека доживеале слично или идентично вознемирување од истиот маж. Според нивните описи, лицето пристапувало навидум културно, понекогаш комуницирајќи и на англиски јазик, а бил забележан и во трговските центри, каде што наводно вознемирувал и вработени.
Еден од сведоците тврди дека истото лице било забележано и во околината на „Палма мол” во Тетово, што укажува на можност дека неговото движење не е ограничено само на Скопје.
Пријавуван во полиција, но повторно на слобода
Според информациите споделени од граѓаните, мажот веќе бил пријавуван во полиција, па дури и задржуван, но по кратко време бил ослободен, по што наводно продолжил со истото однесување. Една од жртвите тврди дека пред неколку месеци лицето се обидело и на физички напад.
Апел за претпазливост и институционална реакција
Граѓаните апелираат на зголемена претпазливост, особено кај младите жени кои се движат сами во вечерните часови или користат јавен превоз. Истовремено, тие бараат итна реакција од МВР и надлежните институции, предупредувајќи дека ситуацијата може сериозно да ескалира доколку лицето продолжи неказнето да демне и вознемирува по улиците и автобусите.
Од Министерството за внатрешни работи засега нема официјален коментар за наводите. Доколку граѓаните се препознаат во описите или имаат дополнителни информации, се повикуваат да ги пријават случаите на најблиската полициска станица или на телефонскиот број 192.