Хор „Менада“ од Тетово со духовен концерт во Софија, градиме нови културни мостови помеѓу двете држави

Во предвечерието на националниот празник 11 Октомври, тетовските хористки со православна духовна музика го претставија македонското културно наследство во бугарската престолнина.

73

Градскиот женски младински хор „Менада“ од Тетово одржа концерт на православна духовна музика во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, Република Бугарија. Настапот е дел од нивниот долгогодишен проект кој веќе пет години успешно ја реализира својата мисија – зачувување и афирмација на богатото македонско културно и духовно наследство надвор од границите на државата. По гостувањата во Корча, Загреб, Истанбул и Белград, Софија беше следната дестинација на оваа значајна културна турнеја.

Културата како мост за разбирање меѓу Македонија и Бугарија

На почетокот на концертот, присутните ги поздрави директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија и дипломатски советник, проф. д-р Зоран Пејковски. Тој ја нагласи клучната улога што ја имаат уметноста и културната дипломатија во зближувањето на општествата.

„Улогата на културата и уметноста е незаменлива во поврзувањето на народите, развивањето на културниот дијалог и градењето мостови на взаемно разбирање и почитување меѓу Македонија и Бугарија“, истакна проф. д-р Пејковски.

Тој додаде дека настапот на „Менада“ е уште една силна потврда за потребата од континуирано и квалитетно претставување на македонското творештво на меѓународната сцена.

Музика со порака во предвечерието на 11 Октомври

Концертот во Софија се одржа во симболично време – во предвечерието на 11 Октомври, Денот на народното востание на Македонија. Во деновите кога се одбележуваат историските стремежи за слобода и сопствена иднина, изведбите на хорот „Менада“ понудија силно уметничко сведоштво за македонските духовни корени, вера и култура.

Преку благородната сила на православното поетско и музичко наследство, тетовскиот хор уште еднаш ја потврди својата улога на активен амбасадор на македонската култура, создавајќи нови врски и пријателства преку универзалниот јазик на музиката.