Стручната јавност децидна: Итно воведување на еврокодовите за побезбедни згради – новите стандарди не значат поскапи станови
Целосното воведување на современите европски стандарди во градежништвото, познати како еврокодови, е клучен предуслов за обезбедување значително побезбедни и посигурни објекти, поквалитетна градба и подобри услови за работа на терен. Стручната и академската заедница апелираат државата што поскоро да стави крај на паралелната примена на старите прописи и еврокодовите да станат единствени национални стандарди според кои во иднина ќе се проектира и гради.
Безбедност базирана на осум децении европско искуство
Деканот на Градежниот факултет во Скопје, проф. д-р Јосиф Јосифовски, истакнува дека примената на овие стандарди носи суштински придобивки во сите фази од изградбата на еден објект – од подготвителните активности и пресметките при проектирањето, па сè до финалната изведба.
„Еврокодовите претставуваат комплекс од стандарди во кои е вградено европското искуство создавано во изминатите седум до осум децении. Нивното воведување значи апсолутно побезбедни и поквалитетни градби за граѓаните, што директно ќе ги минимизира дефектите и проблемите со кои се соочуваме на терен. Веќе цела деценија се обидуваме целосно да ги имплементираме овие стандарди. Во моментов имаме паралелно користење на старата регулатива од 80-тите и 90-тите години и новите еврокодови, но неопходно е дефинитивно да се насочиме исклучиво кон европската регулатива“, вели проф. д-р Јосифовски.
Дали новите стандарди ќе ги зголемат цените на становите?
Во однос на дилемите во јавноста дали построгите стандарди ќе предизвикаат нов скок на цените на недвижностите, деканот на Градежниот факултет појаснува дека таквиот страв е неоправдан.
„Воведувањето на еврокодовите не значи автоматско поскапување на становите. Самите правила се флексибилни и овозможуваат трошоците да се оптимизираат во зависност од реалните потреби на проектот. Иако постои перцепција дека повисокиот стандард повлекува повисока цена, тоа не е нужно така. Наш примарен фокус секогаш мора да бидат безбедноста и квалитетот на животниот простор“, објаснува Јосифовски.
Стопанската комора: Да фатиме чекор со европските трендови
Претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора, Андреа Серафимовски, нагласува дека транзицијата кон новиот систем бара сериозен напор, но претставува неминовен процес за опстанок и конкурентност на домашните градежни компании.
„Свесни сме дека процесот носи предизвици и тешкотии што мора да ги надминеме. Тука сме да преземеме конкретни чекори за инженерите што побрзо и поквалитетно да ги совладаат еврокодовите, а државата да ги озакони како официјални национални стандарди, со цел да фатиме чекор со современите процеси во Европа“, изјави Серафимовски пред почетокот на Националната конференција за Еврокодови 2.0 на тема „Од стандардизација до национална имплементација“.
Со конференцијата, организирана во Стопанската комора, се отвора широка институционална дебата за дефинирање на конкретните рокови за завршување на процесот на целосна хармонизација на домашното градежно законодавство со европското.