Ревизијата утврди хаос во Пазарниот инспекторат: Половина инспекторски места празни, безбедноста на производите зависи од странски донации

9

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изрази неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива во работењето на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) за 2024 година. Извештајот на ревизорите нотира низа системски слабости, меѓу кои сериозен недостиг на инспектори, нефункционален дигитален систем, неправилности во финансиското работење и немање основни услови за складирање на запленетата стока.

Драстичен недостиг на кадар и поништени решенија за вработување

Во текот на 2024 година, ДПИ спровел вкупно 28.263 инспекциски надзори, но контролите паднале на грбот на само 148 инспектори, што претставува едвај 47 отсто од предвидените 313 работни места според систематизацијата. Дополнително, пет клучни одделенија воопшто немале раководители.

Ревизијата открива и спорни кадровски одлуки: во периодот од јануари до октомври 2024 година биле донесени 19 решенија за прераспределба на административци на инспекторски позиции без обезбеден буџет и надвор од Годишниот план за вработување. Овие решенија подоцна, во декември, биле поништени, а вработените вратени на старите позиции.

Безбедноста на производите под знак прашалник по истекот на странските проекти

Еден од најкритичните наоди се однесува на Одделението за безбедност на производи, каде што од предвидените 14 позиции биле пополнети само пет. Испитувањето на безбедноста на производите и лабораториските анализи во странство во периодот 2022–2025 година не се плаќале од државниот буџет, туку целосно зависеле од странски донации и проекти (GIZ, EU4Business и Regio Trade).

Преку овие анализи од пазарот биле повлечени 40 небезбедни производи. ДЗР предупредува дека по завршувањето на овие проекти, постои реален ризик контролата на небезбедните производи да запре поради недостиг на пари во буџетот на Инспекторатот.

Заглавена дигитализација и ризици при чување на запленетата стока

Ревизорите утврдиле дека софтверскиот систем „Е-инспектор“ сè уште не е во целосна употреба, а ДПИ нема единствена база на податоци со проценка на ризик, што го отежнува планирањето на контролите на терен.

Особено загрижувачки е фактот што Пазарниот инспекторат воопшто нема соодветни магацини и простории за чување на предметите што ги одзема при инспекциите пред тие да бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот. Ова отвора простор за несоодветно ракување, субјективност и директни финансиски штети.

Пропусти во книговодството, непотврдени кражби и статус назад кон министерството

Финансиската ревизија констатирала дека пописот на средствата и обврските бил нецелосен – не биле опфатени градежните објекти и нематеријалните средства, а кусоците и вишоците останале нерасчистени. За опрема што била пријавена како украдена во 2025 година, не била приложена документација од полицијата. Дополнително, во материјалната евиденција не биле заведени набавки за канцелариски материјали (1,1 милион денари), обрасци за инспекциски надзор (791 илјада денари) и автомобилски гуми (249 илјади денари).

Ревизијата потсетува и на статусната промена на ДПИ, кој го загуби својството на самостојно правно лице со сопствена сметка и стана орган во состав на Министерството за економија и труд. Ова е во спротивност со препораките на Европската комисија, која бара оперативна независност, зајакнување на капацитетите и целосна дигитализација на пазарниот надзор.

Државниот завод за ревизија упати серија препораки до раководството на Инспекторатот за итно екипирање со соодветен кадар, воспоставување функционални ИТ алатки, обезбедување магацински простор и средување на финансиската документација.