Енергетски аларм за претстојната зима: Цената на гасот може да надмине 100 евра – ударот ќе се прелее врз парното, струјата и маркетите

7

Европскиот енергетски пазар се подготвува за нов ценовен шок. Доколку кризата и нарушувањата во снабдувањето од Блискиот Исток продолжат, а претстојната зима донесе пониски температури, цената на природниот гас на берзите би можела да ја пробие психолошката граница од 100 евра за мегават-час уште во декември. Овој ценовен удар нема да остане изолиран – поскапувањето на сировината верижно ќе ги зафати корисниците на парно греење, цената на струјата, но и основните прехранбени производи во продавниците.

Берзите веќе горат: Највисоко ниво од почетокот на 2023 година

Цената на европскиот гас на референтната холандска берза ТТФ (TTF) веќе надмина 70 евра за мегават-час (околу 71,5 евра на 1 септември), што претставува рекорд незабележан уште од јануари 2023 година.

Ваквиот притисок е резултат на намалените испораки на течен природен гас (LNG) од Персискиот Залив. Според аналитичарите на „Голдман Сакс“, доколку нормализацијата на извозот од Блискиот Исток оди бавно, пробивањето на границата од 100 евра е многу реално сценарио. Од „Енерџи аспектс“ пак предупредуваат дека доколку целосно изостане катарскиот гас во комбинација со екстремно студен бран, просечната дневна цена од ноември до март би можела да достигне и 110 евра за мегават-час.

Европските складишта полупразни, глобална трка за течен гас

Европа влегува во грејната сезона со значително послаби резерви. Податоците на „Гас инфраструктура Европа“ покажуваат дека на 31 август складиштата во ЕУ биле пополнети со само 65,4 проценти, што е далеку под вообичаениот просек за овој период од годината.

По прекинот на најголемиот дел од руските гасоводни испораки, европските земји се исклучително зависни од танкерите со LNG. Меѓутоа, податоците на Меѓународната агенција за енергија покажуваат дека испораките од Катар и ОАЕ во периодот март-јуни се намалени за дури 35 милијарди кубни метри. За истите тие танкери Европа води директна битка со големите азиски економии, каде што товарот оди кај оној што ќе понуди повисока берзанска цена.

Како европскиот шок ќе се одрази во Македонија?

Берзанските скокови вообичаено не се прелеваат веднаш врз сметките на граѓаните поради претходно склучените долгорочни договори. Според проценките на „Оксфорд економикс“, потребни се во просек околу шест месеци берзанскиот раст целосно да се пренесе врз потрошувачите.

Иако само мал број македонски домаќинства се директно приклучени на гасоводната мрежа, индиректниот ефект ќе биде огромен врз целиот систем:

  1. Парно греење и струја: Според Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), топланите и когенеративните постројки (ТЕ-ТО) трошат дури 85 проценти од вкупниот гас во Македонија. Поскапиот гас значи драстично поголеми производни трошоци за топлинска енергија за скопјани, но и за електрична енергија произведена од гасните централи.
  2. Индустриски сектор: Домашната индустрија троши околу 13 проценти од гасот. Зголемените енергетски трошоци фабриките ќе мора да ги пресметаат во финалните цени на своите производи.
  3. Инфлација и цени во маркетите: Поскапиот гас директно го поскапува производството на храна, пекарската индустрија, оранжериското производство, како и градежните материјали.

Колкав дел од овој ценовен удар ќе падне директно на грбот на македонските граѓани ќе зависи од капацитетот на државата за субвенционирање, владините антикризни мерки и одлуките на РКЕ при пресметката на новите тарифници пред почетокот на грејната сезона.