Старт на учебната година во сенка на демографскиот пад: Клуч на 26 рурални училишта и 433 паралелки помалку

8

Новата учебна 2026/2027 година во Македонија започнува со сериозни структурни промени во образовниот систем, кои се директен одраз на долгогодишната демографска криза и иселувањето. Вкупно 26 подрачни училишта во руралните средини привремено ставаат клуч на врата поради недостаток на ученици, а децата од овие средини ќе бидат пренасочени кон најблиските централни училишта.

Во најголемиот дел од овие затворени објекти годинава немало запишано ниту едно прваче, додека во останатите наставата ја следеле само по неколку ученици, што го оневозможувало нормалното одвивање на образовниот процес.

Укинати 433 паралелки – спојување заради подобра социјализација

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, соопшти дека падот на бројот на ученици наложил длабока оптимизација на паралелките. Годинава во основните и средните училишта ќе функционираат дури 433 паралелки помалку во однос на претходната година (222 помалку во основното и 211 во средното образование).

„Оптимизацијата се прави со цел малите паралелки да се спојат, овозможувајќи подобар квалитет на наставата и вистинска социјализација на учениците. Сакам да потенцирам дека ниту еден наставник вработен на неопределено време не остана без работа поради овој процес“, нагласи министерката Јаневска.

Статистика: 148 училишни згради зјаат празни

Според официјалните податоци на МОН:

  • Во образовниот систем во моментов учат вкупно околу 238.000 ученици (174.000 во основно и 64.000 во средно образование);
  • Досега се запишани 14.952 првачиња и 16.932 средношколци во прва година, со тоа што конечните бројки ќе бидат познати по завршувањето на септемвриските рокови;
  • Бројот на училишни објекти низ државата во кои воопшто нема настава и нема ниту еден ученик достигна алармантна бројка од 148 згради.

Учебниците се испорачани, се прошируваат капацитети во градовите

Додека селата се празнат, притисокот врз урбаните средини расте. Од Владата најавуваат инвестиции во проширување на капацитетите на 14 училишта, главно на подрачјето на Скопје, додека во наредниот период етапно треба да стартуваат уште 15 инфраструктурни проекти.

Од ресорното министерство потврдуваат дека учебниците за сите одделенија и години се навремено отпечатени и дистрибуирани до училиштата, а за новата учебна година се обезбедени и потребните образовни асистенти за децата со посебни потреби.