Демографски колапс во образованието: Училиштата остануваат празни, годинава се очекуваат 3.000 првачиња помалку
Македонскиот образовен систем се соочува со алармантна демографска рецесија. Училишните клупи се сè попразни, а податоците за уписот на првачиња за претстојната учебна 2026/27 година предупредуваат на сериозна криза.
Иако процесот на запишување сè уште трае, во моментов се евидентирани дури 4.900 првоодделенчиња помалку во однос на лани (вкупно околу 13.000 запишани досега). Проценките на надлежните се дека по завршувањето на роковите за дозапишување, оваа учебна година ќе стартува со дефицит од околу 3.000 првачиња.
Трендот на намалување е континуиран и секоја година сè поизразен. Статистиката за изминатите неколку години јасно го отсликува падот:
- 2023/2024: 19.848 запишани првачиња
- 2024/2025: 19.452 запишани првачиња (пад од околу 400)
- 2025/2026: 17.921 запишани првачиња (пад од над 1.500)
- 2026/2027: 13.000 досега запишани (се очекува конечен пад од околу 3.000)
Ѓорчев: Последица на паднат наталитет и масовно иселување
Националниот координатор за демографија, млади и човечки ресурси, Влатко Ѓорчев, посочува дека оваа состојба е резултат на децениската демографска рецесија.
„Се работи за комбинација од двете – пад на наталитетот и иселување. Ние сме соочени со пад на наталитетот кој трае буквално 75 години. На пример, во 1950 година во Македонија имало 50.000 родени бебиња, додека во 2024 година имавме само 16.000. Порано во семејствата со 4 до 7 деца, ако едно или две заминале на печалба, другите останувале. Сега имаме ситуација каде речиси половина од семејствата имаат по едно дете, и ако тоа замине во странство, куќата се затвора“, објаснува Ѓорчев.
На прашањето која е стратегијата на Владата за справување со овој проблем, Ѓорчев нагласува дека фокусот е на економијата и промоцијата на семејните вредности.
„Стратегијата е да имаме засилен економски развој за да го намалиме иселувањето колку што е можно повеќе. Истовремено, мора да им испратиме порака на младите генерации дека покрај професионалниот успех, важно и убаво е да се формира семејство“, додава тој.
Поповски: Вакво пустошење не направиле ниту војни, ниту епидемии
На загрижувачките бројки бурно реагираше и универзитетскиот професор и поранешен министер за финансии, Никола Поповски. Тој предупредува дека еднократниот пад на запишани ученици е катастрофален.
„Само за една година бројот на ученици запишани во прво одделение е намален за 28%. Кога би било 2,89% би било разбирливо, но вака… Плус, уште 20 до 25% од оние запишаните ќе се иселат со своите родители пред да го завршат основното образование. Тоа е вкупно преполовување на една генерација за само една година. Вакво пустошење не направиле ни најголемите епидемии и војни. Можеби ни претстои многу полошо сценарио за иднината и од најлошите што се дискутираат“, напиша Поповски на Фејсбук.
Ситуацијата неодамна ја адресираше и министерката за образование Весна Јаневска, која изрази длабока загриженост, потенцирајќи дека негативниот тренд се очекува да продолжи и следната година.
Дополнителна потврда за континуираниот одлив на ученици се и официјалните пресметки на Државниот завод за статистика, кои покажуваат дека од 2018 година до денес (2026 година), вкупниот број на запишани деца во прво одделение во државата е намален за драстични 19 проценти.