ТЕНЗИИ ВО СОБРАНИЕТО: Села и Даути ја блокираа говорницата, седницата за пратенички прашања под прекин

11

Денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања се соочи со блокада откако пратениците на „Албанската лига“, Илире Даути и Зијадин Села, одбија да ја напуштат говорницата. Причина за револтот е немањето писмен одговор од премиерот Христијан Мицкоски во врска со новиот Предлог-закон за правична застапеност.

Даути, поддржана од лидерот на партијата Села, упати остри критики до спикерот Африм Гаши, повикувајќи се на Собранискиот деловник. Таа беше децидна дека седницата не смее да продолжи сè додека опозицијата не добие официјално објаснување од шефот на Владата за законското решение кое треба да го замени некогашниот „Балансер“.

Гаши: Станува збор за технички проблем

Откако апелите на претседателот на Собранието Африм Гаши за ослободување на говорницата не беа прифатени, тој беше принуден да даде пауза од 30 минути.

Гаши појасни дека според неговите информации, Владата веќе подготвила и испратила одговор на поставеното прашање, но веројатно поради „технички пропуст“ тој сè уште не стигнал до пратеничката Даути. Тој изрази уверување дека премиерот Мицкоски и лично ќе се обрати по оваа тема во текот на седницата.

Владата децидна: Законот ќе донесе фер пристап во јавниот сектор

Додека опозицијата бара итни одговори, од Владата ја повторуваат намерата на новиот Предлог-закон за соодветна и правична застапеност. Целта е создавање прецизна правна рамка која ќе ја замени досегашната практика со потранспарентни механизми.

„Интенцијата е да се обезбеди доследна примена на уставниот принцип преку јасни правила кои ќе овозможат еднаков пристап до вработување и напредување за граѓаните од сите заедници, без простор за манипулации во јавниот сектор“, велат од извршната власт.

Парламентарните тензии околу ова прашање најавуваат тешка политичка дебата, со оглед на тоа што правичната застапеност е една од најчувствителните теми во меѓуетничките односи во државата.

Македонски