МИЛИОНСКИ ЗАГУБИ ЗА ЖЕЛЕЗНИЦАТА КОН БУГАРИЈА: Владата изгуби десетици милиони евра од ИПА, долгот ќе го плаќаат граѓаните

10

Македонија дефинитивно остана без неповратните ИПА-средства предвидени за изградбата на третата делница од железничкиот Коридор 8 кон Бугарија. Иако Владата тврди дека реструктуирањето на финансиската рамка нема да предизвика нови финансиски импликации, фактите говорат поинаку: загубените европски грантови ќе мора да се надоместат со комерцијални кредити и државни пари.

Скандалот излезе на виделина преку предлог-законските измени доставени во Собранието, со кои се бара продолжување на користењето на заемите од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), вредни вкупно 350 милиони евра.

Колку пари навистина изгуби државата?

Во владиното образложение вешто се премолчува точната сума на изгубени пари. Се наведува само дека претходниот тендер распишан во 2024 година бил поништен поради несклучување договор во предвидениот рок и дека ИПА-средствата „повеќе не се достапни“.

Сепак, бројките од финансиската рамка од 2023 година покажуваат дека за овој проект биле предвидени 60,77 милиони евра директен грант од ИПА-програмата. Според извештаите на Европската комисија и достапната документација, вкупната штета од загубените грантови (вклучувајќи ги и средствата преку ВБИФ) може да достигне и до 150 милиони евра.

Наместо со овие бесплатни европски пари, дупката во буџетот за проектот ќе се пополнува со кредити кои ќе паднат на товар на граѓаните и компаниите.

Нови обврски за Буџетот по 2032 година

Владата во предлог-законите тврди дека нема нови задолжувања, туку само промена во „начинот на реализација“. Но, во истото образложение се крие најава за нов удар врз државната каса:

Владата презема обврска да обезбеди до 52 милиони евра од државниот буџет за електрификација на трите делници и за сигнално-телекомуникациските системи. Овие пари ќе се исплаќаат „во повеќе буџетски години, но не пред 2032 година“.
Дополнително, доколку Европската Унија не обезбеди грант за македонскиот дел од прекуграничниот тунел, државата најавува дека и тие трошоци ќе ги покрие од сопствениот буџет по 2032 година.

СДСМ: Дебакл на Мицкоски, се бега од европска контрола

Опозициската СДСМ остро реагираше на ваквиот развој на настаните, оценувајќи го како директен дебакл на владата на Христијан Мицкоски и министерот Александар Николоски, кој претходно водеше отворена кампања против овој проект.

„Ова е цената за арогантното препукување. Наместо европски грант од милиони евра, сега остануваат само кредити што ќе ги враќаат граѓаните. Владата ги менува законите за да го избрише фактот дека проектот требаше да се финансира со пари од ЕУ. Зошто го прават тоа? Затоа што ИПА-средствата носат строга европска контрола и транспарентност врз трошењето, а тоа им пречи“, обвинуваат од СДСМ.

Нов модел, нов тендер и неизвесни рокови

Според предложените измени, носител на проектот отсега ќе биде ЈП „Железници на РСМ – Инфраструктура“, кое ќе ги спроведува тендерите и ќе ги избира изведувачите. Новиот тендер нема да го опфати прекуграничниот тунел, туку само делницата од Крива Паланка до западниот влез на тунелот.

Засега нема детално образложение дали и како промената на техничкото решение и моделот на финансирање ќе влијаат врз крајните рокови и вкупната цена на овој геостратешки важен коридор, кој со децении стои незавршен.

Македонски