ВЛАДО ЈАНЕВСКИ ОДИ ВО ЛЕГЕНДИТЕ: Општина Чаир најави институционално одбележување на неговиот лик и дело

15

По веста за смртта на македонската музичка икона Владо Јаневски, со емотивно соопштение се огласи Општина Чаир, местото каде тој ги помина своите најубави години и на кое му ја посвети една од најубавите песни. Локалната самоуправа најави дека ќе преземе конкретни чекори за трајно зачувување на споменот за големиот музичар и поет.

Од Општина Чаир изразија длабоко сочувство до семејството и до целата македонска нација, нагласувајќи дека заминувањето на Јаневски е огромна загуба за заедницата.

„Чаир без него е место на кое ќе му недостига неговиот човек, поет и музичар. Но, ова е место кое уште долго ќе ја храни душата од неговото богато творештво. Антологиските песни како ‘Некогаш и негде’, ‘Ако не те сакам’, ‘Срце преку небото’ и неговата безвременска ‘Чаирска романтика’ остануваат евергрини за многу генерации. Преку нив, Владо нè учеше на љубов, на живот и на човечност“, се вели во соопштението.

Како потврда за неговото значење за општината и градот, локалните власти најавија дека нема да дозволат неговото дело да избледи.

„Советот на Општина Чаир ќе преземе институционални мерки за трајно одбележување на ликот и делото на маестро Владо Јаневски“, порачуваат од општината.

Владо Јаневски, кој почина на 66-годишна возраст, во својата „Чаирска романтика“ создаде химна на едно маало и едно време, која сега станува негов вечен споменик во срцето на Скопје.

Македонски