ЉУПЧО БАЛКОСКИ: На државата не ѝ треба реконструкција, туку рестрикција на Владата
Поранешниот министер и генерален секретар на ВМРО-Народна партија, Љупчо Балкоски, упати остра критика кон актуелните политички превирања за кадровски промени во власта. Според него, најавената реконструкција е само параван за партиски пазари, додека суштинските реформи и интересите на граѓаните остануваат во втор план.
Балкоски смета дека владејачките партии со месеци ја трошат енергијата на јавноста со најави и преговори за реконструкција, обидувајќи се да го претстават овој процес како клучна реформа за развој на државата или, како што велат оттаму, „забрзување на реформската агенда“.
„Владеачките партии треба конечно да одговорат: Дали на Македонија и е потребна реконструкција или рестрикција на Владата? Реконструкцијата воопшто не е важна. Дури и да нема министри во министерствата, тоа нема да се забележи, бидејќи клучните одлуки не се носат во институциите, туку во тесен круг меѓу претседателите на партиите“, вели Балкоски.
Според него, ваквиот начин на владеење е мотивиран исклучиво од партиски интереси, додека државните функции се користат само како изговор. Тој додава дека како последица на овој пристап, државата нема конкретни економско-социјални програми кои реално би го подобриле квалитетот на животот на граѓаните.
„Наместо развој, добиваме само прераспоредување на позиции. Граѓаните остануваат без решенија за нормално и достоинствено живеење, додека политиката се претвори во пазар за функции“, заклучува Балкоски во својата реакција.