СОБРАНИСКА БЛОКАДА: СДСМ подготви 10.000 амандмани за Изборниот законик, Левица обвинува за лажен консензус

8

Собранието влегува во сериозна политичка криза откако опозицијата најави тотална блокада на измените на Изборниот законик. Додека парламентарното мнозинство, поддржано од ДУИ, ја изгласа потребата од скратена постапка, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, објави дека неговата партија веќе подготвила 10.000 амандмани за да го спречи донесувањето на законот.

Изборниот законик е еден од петте закони за кои собранискиот Деловник дозволува т.н. „филибастеринг“ (бесконечна дебата), механизам кој СДСМ планира максимално да го искористи. Филипче преку социјалните мрежи сподели фотографии од пратениците како ги финализираат илјадниците амандмани, најавувајќи дека нема да дозволат поминување на решенија без вистински меѓупартиски договор.

Неочекуван сојуз за измените

Предлогот за измените во Собранието беше доставен од „неочекувана“ група предлагачи во која се најдоа ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, Вреди, но и опозициската ДУИ. На документот се потпишани Антонио Милошоски, Блерим Беџети, Зеќирија Тахири, Даниел Стојчевски и Иванка Василевска.

Милошоски, образложувајќи ја потребата од измените, истакна дека се инкорпорирани 28 препораки на ОДИХР и дека во работната група во Министерството за правда владеел консензус. Една од клучните новини е воведувањето електронско гласање за дијаспората, по моделот на Естонија и Франција, како и промени во државното финансирање на партиите. Во однос на изборниот модел, Милошоски потврди дека Македонија останува со шест изборни единици бидејќи за „една изборна единица“ не бил постигнат договор.

Опозицијата возвраќа: „Сè е лага“

Од друга страна, координаторите на опозициските партии упатија остри обвинувања кон мнозинството. Оливер Спасовски од СДСМ побара повлекување на точката, потсетувајќи дека овој закон секогаш се носел со консензус.

„СДСМ ја напушти работната група во моментот кога мнозинството одлучи еднострано да го менува Законот за влада, кој исто така е дел од консензуалните пакети. Без согласност од сите релевантни партии, Изборниот законик не смее да се менува“, изјави Спасовски.

Уште поостар беше Борислав Крмов од Левица, кој ги нарече лаги тврдењата на Милошоски за постигнат широк консензус.

„Никаков консензус со Левица немало. Ја лажете јавноста. Доведени сме пред свршен чин за да прифатиме решенија кои ни ги сервирате како ‘трошки’, а всушност само ги исправате вашите неуставни пропусти“, порача Крмов.

Со почетокот на работата на комисиите, Собранието се соочува со долга и мачна процедура, каде илјадниците амандмани на СДСМ сериозно ќе го тестираат деловникот и трпението на пратениците.

Македонски