Почина градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски

4

Почина Јовица Илиевски, градоначалник на Општина Брвеница. Причините за смртта засега не се соопштуваат во јавноста.

Илиевски остава зад себе значајна трага во локалната политика, здравството и македонскиот спорт. Тој беше истакната и препознатлива фигура во тетовскиот регион. На чело на Општина Брвеница застана на 11 ноември 2021 година, освојувајќи го мандатот за локалните избори за периодот 2021–2025 година. Претходно, своето политичко искуство го градеше како член на Советот на Општина Брвеница во мандатот од 2013 до 2017 година.

Пред да ја преземе градоначалничката функција, тој имаше долгогодишна кариера во здравствениот сектор. Од 1999 година, па сè до ноември 2021 година, Илиевски беше вработен во ЈЗУ Клиничка болница – Тетово.

Покрај професионалниот и политичкиот ангажман, Јовица Илиевски ќе остане запаметен како голем вљубеник во спортот и активен спортски работник кој даде огромен придонес, особено во фудбалот.

Неговиот ангажман во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) траеше повеќе од две децении. Од 2001 до 2013 година активно партиципираше во работата со младите категории на ФФМ, додека во периодот од 2013 до 2021 година беше дел од младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година. Како круна на неговиот спортски ангажман, од средината на 2021 година тој стана дел и од македонската А-репрезентација. Дополнително, од 2016 година ја извршуваше и функцијата потпретседател на Општинскиот фудбалски сојуз – Тетово.

Јовица Илиевски беше оженет и татко на две полнолетни деца.

Македонски