ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО НА КОЛЕНА: Опозицијата обвинува за крах на сточарството и драстичен пад на откупот

4

Македонското земјоделство се соочува со една од најтешките кризи во изминатата деценија, обвинува опозициската СДСМ. Според партиското соопштение, по две години власт на ВМРО-ДПМНЕ, секторот е во тотален колапс: субвенциите се скратени за 40 милиони евра, а вкупниот откуп на земјоделски производи бележи фрапантен пад од 46 проценти.

Опозицијата тврди дека ветувањата на премиерот Христијан Мицкоски за поголема поддршка и сигурен пласман останале само „гола реторика“, додека на терен производителите се борат за гола егзистенција.

Сточарите во агонија: Млекото поевтино од вода

Најкритична е состојбата во млечната индустрија. Од СДСМ алармираат дека откупната цена на млекото е намалена за над 30%, достигнувајќи понижувачки дваесетина денари за литар – сума која не ги покрива ниту основните трошоци за храна за добитокот.

„Ситуацијата е алармантна, особено во Делчевско, каде две млекарници веќе најавија прекин на откупот. Додека сточарите остануваат без пласман, а премиите и субвенциите за добиток постојано доцнат, цените на млечните производи во маркетите вртоглаво растат. Јасно е дека некој профитира врз грбот на трудот на македонскиот фармер“, се вели во соопштението.

Производните трошоци растат, мерки од Владата нема

Покрај ниските откупни цени, земјоделците претрпеа удар и од високите цени на горивата. Опозицијата ја обвинува Владата дека не презела никакви заштитни мерки за да ги ублажи зголемените трошоци за обработка на површините.

„Мицкоски мора да одговори зошто нема интервентни мерки за млекото, оризот, доматот и пиперката. Парите на граѓаните, наместо кај вистинските производители кои треба да ја хранат државата, завршуваат во сомнителни тендери“, обвинуваат од СДСМ.

Според партијата, токму недостигот на средства во буџетот предизвикан од лошо менаџирање е главната причина за доцнењето на субвенциите, но и за наглиот интерес на власта за брзи предвремени избори.

Македонски