ЛДП Могила алармира: Средина на јуни е, а тутунарите сè уште ги чекаат ветените субвенции
Тутунопроизводителите од Пелагонискиот регион се наоѓаат во исклучително тешка состојба поради доцнењето на државната помош и постојаниот раст на трошоците за производство. На ова денеска предупреди Илче Дамевски, советник од редовите на Либерално-демократската партија (ЛДП) во Општина Могила.
Според Дамевски, загрижувачки е фактот што иако веќе е средина на месец јуни, земјоделците сè уште немаат добиено ниту денар од субвенциите за тутун, кои за многу семејства во овој крај се основен извор на егзистенција.
„Пелагонија отсекогаш била житницата на Македонија, а Општина Могила е нејзиниот столб. Никогаш досега не се случило на средина на јуни тутунарите да бидат заборавени. Оваа година субвенциите не само што се намалени, туку воопшто ги нема на нивните сметки“, изјави Дамевски.
Од ЛДП порачуваат дека земјоделското производство во Пелагонија е под притисок на неизвесни услови и високи цени на репроматеријалите, што дополнително ја усложнува работата на терен. Тие упатија критика до власта дека вистинската грижа за земјоделците не се мери со „скапо платени спотови“, туку со ефикасна исплата на заработеното.
„Грижата за земјоделците започнува со конкретни политики и навремени активности. Трудот на нашите сограѓани мора да биде почитуван и вреднуван, бидејќи тие се столбот на македонската економија“, се додава во реакцијата на Либерално-демократската партија.
Од партијата бараат надлежното Министерство за земјоделство итно да го реши проблемот со исплатата на субвенциите за да се спречи натамошно осиромашување на тутунопроизводителите во овој регион.