Почина Мартин Треневски – истакнат дипломат, новинар и поранешен министер

7

Македонската јавност денеска се простува од Мартин Треневски, долгогодишен новинар, публицист, дипломат и поранешен министер, кој по кусо боледување почина на 77-годишна возраст, соопшти неговото семејство. Треневски остави неизбришлив белег во градењето на современата македонска држава, особено во областа на информирањето, дипломатијата и врските со иселеништвото.

Роден во Скопје во 1949 година, Треневски дипломирал на групата англиски јазик и литература на Филолошкиот факултет, а подоцна магистрирал на политички науки при Институтот за социолошки и правно-политички истражувања (ИСППИ) во Скопје.

Новинарскиот врв во Австралија и државничките функции

Својот професионален пат го започна во новинарството, соработувајќи со голем број домашни медиуми, за во 1986 година да биде именуван за дописник на агенцијата ТАНЈУГ од Австралија и Јужниот Пацифик. Во овој период тој стана препознатлив по афирмацијата на македонската заедница на австралискиот континент. За неговиот новинарски ангажман, во 1983 година ја доби највисоката државна награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“.

Со осамостојувањето на државата, Треневски беше активен во првите редови на македонската политика. Беше министер за информации во првата влада на независна Македонија, а подоцна ја извршуваше и функцијата министер за иселеништво. Како политички активист, тој беше дел од структурата на ВМРО-ДПМНЕ уште од самите почетоци на партијата.

Дипломатска кариера и меѓународна афирмација

Богатото знаење и искуство Треневски ги преточи во плодна дипломатска кариера. Служеше како амбасадор на Република Македонија во Шведска (акредитиран и за Норвешка, Финска и Естонија), беше генерален конзул во Торонто, Канада, а својот дипломатски врв го круниса како постојан претставник и амбасадор на Македонија во НАТО.

Како плоден автор и истражувач, зад себе остави голем број публицистички дела насочени кон македонското национално прашање и судбината на македонскиот народ во дијаспората.

Погребот на Мартин Треневски ќе се одржи утре, 27 мај 2026 година, во 13:00 часот на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.

Македонски