МЛАДИТЕ ПОЛИТИЧАРИ ОБЕДИНЕТИ ЗА ЕВРОПСКА ИДНИНА: Потпишана Декларација за европски вредности
Во организација на Институтот Охрид, а по повод Месецот на Европа, претседателите и претставниците на подмладоците на политичките партии во земјава денеска свечено ја потпишаа „Декларацијата за европски вредности“. Настанот испрати силна порака за заедништво, демократска зрелост и подготвеност на новата генерација политичари за дијалог и кохезија.
Иницијативата има за цел да го потенцира значењето на демократската култура, одговорноста и почитувањето на различностите, како клучни столбови за развојот на Република Северна Македонија. Во време кога јавниот простор е често оптоварен со политички поделби, овој чин претставува обид за создавање нова политичка клима базирана на меѓусебно почитување.

Младите како носители на промените
Претставниците на партиските подмладоци преку потпишувањето на Декларацијата покажаа дека младите поседуваат капацитет и одговорност активно да придонесуваат кон европската интеграција на државата. Тие се обврзаа на негување вредности кои нè обединуваат, ставајќи ги државните интереси и граѓанската благосостојба пред партиските разлики.
Поддршка од Европската Унија
Свеченоста беше збогатена со присуството на високи гости и меѓународни претставници. Своја поддршка дадоа Стефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија, како и Валентина Величковска, извршна директорка на Граѓанскиот ресурсен центар. Нивното присуство е потврда за меѓународната поддршка на ваквите граѓански иницијативи кои промовираат политичка култура и европски стандарди.
Од Институтот Охрид истакнаа дека се горди што успеале да ги спојат младите лидери околу заедничка визија, потенцирајќи дека токму дијалогот е патот по кој земјава треба да чекори кон европското семејство.