Јакимовски: Лукровски е во „куќен притвор“ со лажно боледување, Скопје се дави во популизам и змии, а јас можеби пак ќе се кандидирам

8

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, упати жестоки критики кон актуелната локална и централна власт, обвинувајќи за политички игри во Карпош и за владеење преку евтин ПР (односи со јавноста) во Град Скопје. Во своето гостување на „4ТВ“, тој ја остави отворена можноста повторно да влезе во трката за градоначалник на својата матична општина.

Карпош во „лимбо“: Оставка скриена зад боледување

Според Јакимовски, Општина Карпош се наоѓа во целосен застој поради политичкото тактизирање на власта околу статусот на актуелниот градоначалник Сотир Лукровски. Тој тврди дека во политичките кругови е добро познато оти Лукровски веќе ја депонирал својата втора, конечна оставка, но дека партијата се обидува да купи време.

„ВМРО практично го стави својот градоначалник во куќен притвор. Му наложија да земе боледување само за да ја амортизираат ситуацијата. Парадоксално е што премиерот посредно кумува на ова боледување, во исто време кога директорот на Фондот за здравство јавно ги гони манипулативните боледувања. Ова е класично замајување на јавноста“, изјави Јакимовски.

Тој предупреди дека ваквите политички блокади скапо ги чинат граѓаните, посочувајќи дека додека Карпош стагнира, градовите во регионот како Белград, Приштина и Тирана бележат забрзан развој.

„Да одземете пет години од развојот на една општина е недозволиво. Тоа се пет години од животот на секој граѓанин во кои Карпош можеше да биде лидер, а не жртва на тактизирања“, додаде тој, потсетувајќи и на финансиските проблеми што ги наследил по мандатот на неговиот претходник, Стефан Богоев.

Запрашан дали повторно би се кандидирал за прв човек на Карпош, Јакимовски не ја отфрли таа опција.
„Јас во Карпош оставив 16 години од мојот живот. Мојата одлука ќе зависи исклучиво од тоа што е најдобро за општината. Ако е најдобро јас да се кандидирам, повторно ќе го направам тоа. Карпош заслужува да излезе од овој застој“, дециден е поранешниот градоначалник.

Скопје се менаџира со реклами, а не со реална работа

Осврнувајќи се на менаџирањето со Град Скопје по промената на локалната власт, Јакимовски истакна дека јавните претпријатија сè уште се нефункционални, а реалните проблеми се маскираат со висок степен на популизам. Тој смета дека е погрешно новиот градоначалник да се споредува со Данела Арсовска.

„Споредба се прави со Пенов или Трајановски. Ова што сега го гледаме е истата политика како и на централно ниво – чист популизам. Една тревка да мрднат, веднаш оди реклама на телевизија. Ве прашувам: имате ли чувство дека за 72 часа Скопје навистина се исчисти? Дека е окосено? Напротив, секојдневно гледаме прилози за змии и влекачи низ градот“, потенцираше Јакимовски.

Луна паркот е долг кон граѓаните, а не „големо чудо“

Тој беше особено остар кон помпезните најави за конечно градење на забавниот парк во Скопје, проект кој стана синоним за неисполнети политички ветувања.

„Ова е веќе петти мандат како се најавува Луна паркот. Поминаа два мандата на Коце, еден на Шилегов, мандатот на Данела и сега ова е петти пат како децата во Македонија слушаат дека ќе добијат Луна парк. Тие деца веќе пораснаа чекајќи го тоа чудо“, рече тој, нагласувајќи дека изградбата на таков парк е елементарна обврска кон целата држава, а не некакво епохално достигнување.

На крајот, Јакимовски порача дека на граѓаните не им треба добро спакуван ПР, туку реални промени на терен. „Ајде да го видиме и тоа чудо“, иронично заклучи тој во однос на најавените градски проекти.

Македонски