Спортски спектакл во Скопје: Организаторите на Скопскиот маратон упатија благодарност до учесниците и го закажаа следното издание за 3 октомври 2027

Илјадници насмевки и извонредна енергија го преплавија главниот град – организацискиот тим упати признание до тркачите, волонтерите, полицијата и медицинските служби кои придонесоа за беспрекорна организација.

16

Уште едно успешно и масовно поглавје од најголемата спортска манифестација во земјата, „Виз Ер Скопскиот маратон“, беше заокружено вчера низ улиците на главниот град. Со илјадници учесници од земјава и светот, неверојатна навивачка атмосфера и силен спортски дух, организацискиот тим ја сподели својата радост со јавноста, оценувајќи го ова издание како едно од најуспешните досега.

Преку официјално соопштение на социјалните мрежи, организаторите упатија јавна и срдечна благодарност до сите фактори и поединци кои овозможија настанот да помине во најдобар ред и со врвна безбедност за тркачите.

Заедништвото како клуч за успехот

„Денес заедно испишавме уште едно незаборавно поглавје од Виз Ер Скопски маратон – исполнето со неверојатна атмосфера, илјадници насмевки, енергија и моменти што ќе ги паметиме долго. Ова издание немаше да биде возможно без сите вас кои на свој начин придонесовте да биде едно од најдобрите досега“, порачаа од организацијата.

Посебна благодарност беше насочена кон сите чинители на теренот:

  • Тркачите и атлетите кои покажаа висок спортски мотив и истрајност;
  • Волонтерите кои неуморно помагаа по должината на целата патека;
  • Полициските службеници и медицинските екипи за одржувањето на безбедноста и укажувањето на навремена помош;
  • Спонзорите, партнерите и медиумите за целосната поддршка и промоција на маратонот.

„Без сите вас, оваа атмосфера едноставно немаше да биде иста. Скопје денес уште еднаш покажа што значи да се трча заедно и со срце“, додаваат организаторите.

Закажан датумот за следната трка

По „спуштањето на завесата“ на овогодинешната трка, организаторите веднаш го отворија патот кон следното издание, испраќајќи отворена покана до сите спортисти и рекреативци од регионот и светот за нов атлетски предизвик:

„Се гледаме повторно на 3 октомври 2027 година!“

Инаку на годинешниот Виз Ер Скопски Маратон учествуваа рекордни над 15.000 учесници од Македонија и уште 63 држави од Европа и светот со што Скопскиот маратон уште еднаш покажува дека е настан од светски размери.

Радоста не ја криеја ниту публиката но и случајните минувачи кои нескромно потенцираа дека според атмосферата овој настан можеби е единствениот кој обединува во државата, насмеани лица, забава и огромна посветеност кон унапредување на здравјето преку стекнување здрави навики и спортски активности во изобилие.