ВЛЕН со остри критики до ДУИ: Молкот за навредите кон САД и ЕУ е потврда за антизападен менталитет
Коалицијата ВЛЕН упати жестоки критики до Демократската унија за интеграција (ДУИ), обвинувајќи ја партијата за свесно нарушување на односите со стратешките партнери. Повод за реакцијата е изјавата на пратеник од редовите на ДУИ, со која, според ВЛЕН, директно биле навредени Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
Од коалицијата нагласуваат дека поминале повеќе од 48 часа од спорниот настап, а од Мала Речица сè уште нема ниту извинување, ниту оградување од ставовите на нивниот пратеник.
„Овој молк не е случаен. Молкот на ДУИ е јасна политичка потврна на нивниот антизападен менталитет. Секоја структура која вистински се залага за проевропски и проамерикански вредности, веднаш би се дистанцирала од говор на омраза или навреди насочени кон нашите најголеми сојузници“, се вели во соопштението на ВЛЕН.
Од коалицијата изразуваат дополнителна загриженост поради фактот што ваквата реторика доаѓа од пратеник кој е лекар по професија и кој во јавноста важел за професионално изграден кадар. Според нив, ова го отвора прашањето каков дискурс преовладува кај останатото раководство на партијата.
„Се поставува прашањето што навистина мислат личности како Муса Џафери, Блерим Беџети и Садула Дураку, кога нивните сопартијци јавно ги напаѓаат нашите стратешки пријатели“, прашуваат од ВЛЕН.
Според оценката на коалицијата, ДУИ секојдневно го губи својот евроатлантски курс. Тие сметаат дека партијата, во паника од губењето на довербата кај албанскиот гласач и политичката моќ, се приклонува кон опасен антизападен правец.
„Албанците во Македонија и во регионот остануваат најпроамериканскиот и најпроевропскиот народ. Нема да дозволиме ничии тесни партиски интереси или страв од опозиција да го загрозат нашиот стратешки и историски пат“, децидни се од коалицијата ВЛЕН.