Матевски: Граѓаните плаќаат даноци, а немаат ни зеленило ни затворени контејнери

Советникот Ненад Матевски од во Советот на Општина Центар од редовите на СДСМ го прашува градоначалникот зошто жителите на најурбанизираната скопска општина се третираат како граѓани од втор ред кога станува збор за основните комунални услуги.

9

Советникот во Советот на Општина Центар, Ненад Матевски, излезе со остра реакција упатена до градоначалникот на општината, во која поставува серија прашања за, како што тврди, занемарувањето на основните комунални потреби на граѓаните на Центар.

Зелени површини без одржување

Матевски укажува на видливата разлика во одржувањето на јавните зелени површини помеѓу Општина Центар и останатите скопски општини. Според него, додека работниците на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило” редовно се присутни на терен во другите делови на градот, жителите на Центар ретко имаат можност да ги видат екипите на терен.

„Зошто за граѓаните на Општина Центар е привилегија да ги видат работниците на ЈП „Паркови и зеленило“ како ги одржуваат зелените површини, додека во другите скопски општини редовно ги гледаме на терен?”, прашува Матевски.

Нови контејнери – чекор назад од 50 години

Второто прашање на советникот се однесува на квалитетот на ново поставените контејнери за комунален отпад. Матевски тврди дека новите контејнери се отворени, за разлика од старите кои биле затворени и претставувале значително подобро хигиенско решение, особено во услови кога граѓаните сè почесто реагираат на појавата на нечистотија, глувци и инсекти во нивните населби.

„Зошто новите контејнери изгледаат како да сме се вратиле 50 години назад – отворени, додека старите беа затворени и претставуваа подобро решение?”, истакнува советникот.

Барање за итна интервенција кај Град Скопје

Матевски соопшти дека овие прашања официјално ги упатил до градоначалникот на Општина Центар, барајќи од него итно да ургира до Град Скопје и надлежните јавни претпријатија за решавање на проблемите.

„Центар не бара привилегии, туку основна грижа и одговорност од градските власти. И центарци плаќаат данок и комуналии!”, порача Матевски.

Од Општина Центар и од Град Скопје засега нема одговор на поставените прашања.