ПРЕСУДА ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО ТАФТАЛИЏЕ: 12 години затвор за Стојанче Јовановски, обвинителството бара построги казни за вакви дела
Основниот кривичен суд Скопје денеска го прогласи за виновен Стојанче Јовановски и му изрече единствена казна затвор од 12 години за семејно насилство и наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана. Оваа пресуда се смета за историска, бидејќи за првпат во македонското правосудство се изрекува казна за наведување на самоубиство како директна последица од долготрајно семејно насилство.
Трагедијата се случи на 2 март годинава, кога Ивана Јовановска заедно со нивната малолетна ќерка Катја беа пронајдени мртви по пад од шестиот кат на зграда во скопската населба Карпош.
Максимални казни за сите три дела
Судијата Ивица Стефановски при изрекувањето на пресудата нагласи дека Јовановски сурово и нечовечно постапувал кон својата сопруга, која ја довел во состојба на целосна егзистенцијална зависност. Судот му ги одреди следните максимални казни:
-
5 години затвор за телесна повреда при семејно насилство (законски максимум);
-
3 години затвор за загрозување на сигурноста;
-
5 години затвор за наведување и помагање во самоубиство (законски максимум).
Иако збирот изнесува 13 години, согласно Кривичниот законик за дела во стек, Судот изрече единствена казна затвор од 12 години.
Обвинителката Бојчевиќ: Потребна е поригорозна казнена политика
Иако е задоволна од изречениот максимум, јавната обвинителка Адела Бојчевиќ алармира дека законските рамки не соодветствуваат со тежината на последиците во вакви случаи.
„Не може за семејно насилство со телесна повреда и за семејно насилство кое довело до загуба на човечки животи, максималната казна да биде идентична – пет години. Сметам дека ова треба да биде предмет на поширока анализа на експертите со цел заострување на казнената политика“, изјави Бојчевиќ.
таа додаде дека во овој случај имаме „проширено самоубиство“, каде е изгубен и животот на детето, што дополнително ја нагласува потребата од законски измени.