Кочани се подготвува да ја одбележи годишнината од трагедијата во „Пулс” – тридневна програма на почит и благодарност

6

Општина Кочани, заедно со Организацискиот одбор составен од повеќе институции и здруженија, подготви тридневна програма за одбележување на првата годишнина од трагедијата во дискотеката „Пулс”, во која на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 200 беа тешко повредени. Градоначалникот Владко Грозданов порача дека загинатите младите заслужуваат почитта да биде искажана „мирно, достоинствено и сплотено”.

Тридневна програма – молитва, благодарност, почит

Градоначалникот Грозданов на прес-конференција со членовите на Организацискиот одбор ги претстави активностите планирани за 14, 15 и 16 март:

14 март – Молитвено сеќавање: Ќе се одржат православни содржини посветени на упокоените во несреќата – молитвено сеќавање и духовно единство во нивна чест.

15 март – „Кочани Ви благодари”: Денот е посветен на повредените и на изразување благодарност кон сите институции, здравствени установи, здруженија и поединци кои дадоа свој придонес по трагедијата. Поканетите делегации ќе бидат одликувани со статуетки на благодарност, а денот ќе заврши со културно-уметнички содржини како израз на живот, надеж и заедништво.

16 март – Достоинствена почит: Активностите ќе бидат целосно посветени на оддавање почит на загинатите во трагедијата.

Покана до здравствените установи и лекарите

Градоначалникот Грозданов откри дека се упатени официјални покани до здравствените установи кои беа клучна поддршка по несреќата.

„Ги охрабрувам и повредените деца кои и денес имаат контакт со болниците во кои беа лекувани, да ги поканат своите доктори и медицински крепители. Општина Кочани е овде и ќе ги удостои со топол и срдечен прием, ќе им обезбеди сместување и сите потребни почести”, рече Грозданов.

„Нека овие денови бидат нов лист”

Градоначалникот упати емотивна порака до целата заедница:

„Младите што трагично ги загубивме заслужуваат почитта кон нив да ја искажеме мирно, достоинствено и сплотено – како што доликува на заедница што памети и што се грижи. Нека овие денови не бидат само сеќавање на болката, туку и нов лист во нашето заедничко делување – да станеме општина на сплотеност, истрајност и мир”, порача Грозданов.

Во Организацискиот одбор учествуваат Здружението на граѓани „16 Март”, ОО на Црвен крст Кочани, Црковниот храм „Св. великомаченик Георгиј”, ЈЗУ Општа болница Кочани, советници на Општината и НУЦК „Бели мугри”. Деталите од програмата ќе бидат дополнително соопштени.

Македонски