Дваесет и две години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски во авионската несреќа кај Мостар
На денешен ден пред дваесет и две години, на 26 февруари 2004 година, во авионска несреќа кај Ротимље, близу Мостар, загина поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, заедно со членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот. Годишнината денеска се одбележува со полагање цвеќе во Скопје, Струмица и Ротимље.
Трагедијата кај Мостар
На 26 февруари 2004 година, владиниот авион „Кингер” со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време, а остатоците беа пронајдени дури 24 часа по паѓањето.
Во несреќата, покрај претседателот Трајковски, животот го загубија уште осум лица: Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски од обезбедувањето, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Две истраги – исти заклучоци
Првичната истрага, водена од надлежните македонски и босански органи, утврди дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност.
На барање на македонските власти, по собирањето дополнителни докази од страна на македонското МВР, во јануари 2013 година беше отворена нова истрага, предводена од меѓународен тим на чело со Омер Кулиќ. И во нивниот извештај како клучни причини за несреќата беа наведени грешки на екипажот и системски пропусти.
Одбележување во три града
Членови на семејствата, државни и други делегации денеска полагаат цвеќе на гробот на Трајковски во Градските гробишта Бутел во Скопје и на спомен-обележјата во Ротимље и во неговата родна Струмица.
Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, денеска го посети спомен-обележјето во чест на претседателот Трајковски во Ротимље.
Кој беше Борис Трајковски
Борис Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, каде специјализирал деловно право и право на работни односи.
Пред да биде избран за претседател, Трајковски ја извршувал функцијата заменик-министер за надворешни работи во Владата на Љубчо Георгиевски, од 21 декември 1998 година. Бил претседател на Комисијата за надворешнополитички односи на ВМРО-ДПМНЕ, главен политички советник за надворешна политика на претседателот на партијата и член на Претседателството на Паневропското движење за Република Македонија. Повеќе од 12 години бил претседател на младината на Обединетата методистичка црква во поранешна Југославија.
За втор претседател на Република Македонија беше избран во 1999 година. Должноста шеф на државата ја извршуваше од 15 декември 1999 до 26 февруари 2004 година, кога трагично загина.