Забрана за автобуси на патот од Тетово кон Попова Шапка, снегот го отeжна движењето на патиштата
Забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема на патот од Тетово кон Попова Шапка заради интензивните врнежи од снег и отежнатите услови за сообраќај, информираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Според прогнозата од Управата за хидрометеоролошки работи времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места во западните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Утре врнежите ќе бидат пообилни, на планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Утрово беа укинати забраните за тешките товарни возила на планинскиот премин Стража и на патот од Маврово до Дебар. Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
На сите патишта важи обврската за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба, која ќе трае до 15 март.
Од АМСМ информираат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.